Заев му „избоксува“ Влада на новиот мандатар

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Општ впечаток е дека после Зоран Заев, СДСМ нема да биде ист. Можеби е пренагласено да се каже дека по Заев таму ќе настапи потоп, но секако не е сеедно кој ќе застане на чело на оваа партија и по кој правец ќе продолжи таа да се движи.

Зоран Заев уште еднаш, на заминување, покажа дека е „махер“ за политичко преговарање и за опстојување на парламентарното мнозинство. Постигна договор со Алтернатива, со што на новиот мандатар му „избоксува“ влада, за која, како што изјави и самиот Африм Гаши, се темели врз принципи од интерес на граѓаните и државата.

Со овој потег Заев, всушност, де факто докажува дека не е важно кој е лидер на партијата, бидејќи тој тоа веќе не е, туку е важно кој ја води Владата.

Кого СДСМ ќе избере за лидер по заминувањето на Зоран Заев е нивна работа, но поважно е кој ќе ја води идната влада, па оттаму и наше право е како јавност да ги коментираме постапките и предложените кандидати.

Општ впечаток е дека после Зоран Заев, СДСМ нема да биде ист. Можеби е пренагласено да се каже дека по Заев таму ќе настапи потоп, но секако не е сеедно кој ќе застане на чело на оваа партија и по кој правец ќе продолжи таа да се движи. Едноставно, таму како да нема на повидок кандидати што уште сега отворено претендираат на функцијата претседател на СДСМ. Тоа доволно говори дека кадровскиот потенцијал е низок или медиокритетски срамежлив за да се одважи за оваа важна партиска, но и државна функција, ако се има предвид дека од неа „бива“ иден премиер.

Само за потсетување, во 2013 година, кога Бранко Црвенковски ја напушташе функцијата лидер, уште недоречен, нарипаа осуммина кандидати за негов наследник, меѓу кои и Зоран Заев. Оваа бројка потоа се редуцираше на „само“ четворица, но сите беа „кој од кој“ поетаблирани партиски активисти. Најагилен, се разбира, беше Зоран Заев, кој и стана претседател на СДСМ.

Сега ни оддалеку не е таа атмосфера во партијата. Од Бихаќка нема сигнали за помасовна трка за претседателската функција. Затоа сега „бедно“ изгледа кога Заев како „од џеб“ да го вади Димитар Ковачевски и се обидува да ни го (да им го) подметне за свој наследник.
Повеќе од очигледно е дека тој ни од далеку не е замената што СДСМ ќе ја реформира, а уште помалку дека ќе ја води во изборни победи. Досегашните настапи во јавноста ни презентираат непознат за пошироката јавност партиски апаратчик, со скромен, подготвен речник од ПР структурите на СДСМ, кој не остава впечаток на лидер подготвен да се фати во костец со тешките предизвици кои ѝ стојат на патот на партијата и на државата.

Не дека и Заев на своите почетоци беше особен авторитет, во споредба со Црвенковски, ниту пак подоцна стана „речит“ како еден Вучиќ, или циничен како Рама, но во Заев имаше видлива незапирлива енергија со која влезе во политиката. Отвореноста за темелни општетвени промени не само во земјата, туку и во регионот, ги зближи соседите во проектот „Отворен Балкан“ и од него создаде лидер кој и Европа и САД го препознаа и во кој беа подготвени да инвестираат. Неговиот капацитетот за спојување на различните политички и етнички интереси е сѐ уште во функција и ја одржува хетерогеноста на Владата, дури и во моменти на нестабилно парлементарно мнозинство. Се разбира, зад него стоеја и други докажани партиски кадри, но како и секогаш лидерот е тој што остава посебена трага во дејствувањето на партијата. Тоа не е случај само со СДСМ, туку и со другите партии на македонската политичка сцена.

Колку и да се смета дека идеологијата се креира во партиските тела, дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се големи партии, се покажа дека рејтинзите на нивните лидери се секогаш повисоки од самите партии од каде тие потекнуваат и кои ги водат.

Оттаму ќе биде жално ако сите овие вредности останат зад него како наследство, без можност да се развиваат и надоградуваат од неговиот наследник кој и да биде тоа.
Но, впечаток е дека Заев продолжува да избрзува со постапките кои ги започна со оставките.

Прво, со обидот својот школски другар Димитар („Таче“) Ковачевски да го „октроира“ како свој наследник., веќе заличува на Бранко Црвенковски и неговите „прочуени“ дворски игри. Зошто ги запостави сите останати партиски активисти, кои тој самиот ги постави?

Второ, на тој начин можеби ќе успее да го „наметне“ врз членството, што не е баш демократски за една СДСМ, но зошто тогаш би се одржувале непосредни избори, ако сите знаат дека „овој човек“ е миленикот на лидерот?!

Од друга страна, може да се случи дури и да го „изгори“ својот кандидат со преголемата исфорсираност во јавноста, зашто потенцијалите на кандидатот предвреме ќе бидат изложени на зголемената општествена диоптрија, а со тоа и на критики што можат да бидат и непријатни. На крајот од краиштата, стара (кадровска) поговорка е дека „првите мачиња во вода се фрлаат“.

Трето, зошто човекот кој неодамна најави грандиозни промени во партијата, „заглави“ на традицијата кога станува збор за изборот на човекот на чело на партијата, односно на принципот „два во едно“, еден човек и лидер и премиер, кога се покажува дека би било попрагматично за партијата и за државата, а и заради кадровското „порамнување“, тоа да бидат две личности.

Зоран Заев многумина го сакаат до степен на барање на референдум дали тој „смее“ да си замине од лидерската позиција во СДСМ. Оние од опозицијата го мразат во иста мерка. Но, нивната омраза и нашите ставови се ирелевантна кога станува збор за избор на негов наследник.

Она што без трошка двоумење може да се каже е дека СДСМ и Македонија, нема бргу да најдат друг како Зоран Заев.

И тоа се гледа и однадвор и однатре, во партијата и државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот