Заев – Мицотакис: Грција останува силен лобист и поддржувач на нашата земја во процесот на преговори со ЕУ

Со Договорот од Преспа, Република Северна Македонија и Грција создадоа модел за успешно решавање на отворените прашања меѓу соседите, додека со членството на земјата во НАТО партнерството се трансформира во сојузништво, а Грција останува силен лобист и поддржувач на земјата во претстојниот процес на преговори со Европската Унија. Ова се пораките од денешната работна средба на премиерот Зоран Заев со грчкиот колега Кирјакос Мицотакис.

Средбата која Заев и Мицотакис ја оцениле како значаен и дополнителен придонес за унапредување на односите меѓу двете земји, присуствувале и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Заев, како што информираат од владината прес-служба, на средбата нагласил дека со воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво кое е потврдено и со членството на нашата земја во НАТО, и дека Грција останува силен лобист и поддржувач на нашата земја во претстојниот процес на преговори со Европската Унија која треба да започне со првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на СР Германија со Советот на ЕУ.

На средбата било разговарано и за идната соработка и спроведување на одредбите од Акциониот план од Договорот од Преспа, меѓу кои приоритет има континуитетот на работата на заедничките комитети на експерти за историските, образовните и археолошките прашања, како и работата на Комитетот за бизнис дијалог за изнаоѓање решенија за заштитените марки и брендови и за дополнително поттикнување на политиките што треба да ги олеснат бизнис релациите.

Во таа насока, се наведува во соопштението, на средбата се разговараше за создавање услови за поголема економска соработка и за интензивирање на интерконекцијата за природен гас меѓу двете земји за што постои финален договор кој наскоро треба да биде потпишан.

Заев и Мицотакис разговарале и за справувањето со пандемијата со КОВИД-19 и изразиле согласност дека солидарностa и соработката на ЕУ со Западен Балкан во таа насока треба да продолжи и да се надгради со вклучување на регионот во политиките на ЕУ за економско закрепнување на земјите од Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот