Заев, Мицкоски и д-р Фројд

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Како е можно политиката на Зоран Заев за меѓународното позиционирање на државава со години по ред да добива активна поддршка и највисоки оценки од најважните лево-ориентирани и од најрелевеантните десно-ориентирани политички кругови во Европа (не е за чудење кога европските социјалисти ќе пишат ферман со комплименти за лидерот на СДСМ, но Меркел или Пленковиќ сигурно не се идеолошките компањони на Заев); а на протестите на Мицкоски, на кои на долго и широко се колне меѓународната политика на Македонија, не му поаѓа од рака да ги придобие ни поддржувачите на ВМРО од Драчево, на пример?

Да се занимаваш со лидерска политика во Македонија, а постојано да ја имаш меѓународната заедница против тебе, не е никаква внатрешно-политичка препорака. Околу лидерот на опозицијата се останати најзакоравените поддржувачи на регионалната и пошироката меѓународна изолација на Македонија. Да речеме, најгласниот, поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, барем десетина години беше еден од највлијателните креатори на политиката на Груевски што нè оддалечи од соседите, од Европа и од светот како што се разделени Северниот и Јужниот пол. Дури и сегашните коалициски владејачки европски „таленти“ во Софија, идеолошки распослани од центар-десно кон крајната десница, се согласни дека, ако го „изгорат“ Заев во кашата на сопствената изборна политика, во Скопје не ќе имаат со кого ни „здравеј“ да си кажат во многу догледни години.

Добро, националистите и онака својата нација идеално ја замислуваат како мала макета на античка галија напикана, весло по весло, низ тесното грло на стаклено шише, за да може да се затне со тапа и да се изложи на полица – никаде да не плови, но да изгледа регално! Само правот на шишето редовно се брише.

Не е ни чудо што секој македонски успех на меѓународната сцена овие луѓе го доживуваат како свој личен неуспех. Секој странски комплимент за Македонија е капка пелин во нивното утринско кафе. Ситничави, завидливи, цинични, патетични… НУЛА придонес за нашето општо добро. Ни во Собранието, ни на улиците: колку помалку луѓе на „блокадите“ по градовите, толку се транспарентите за предавства и оставки поголеми, навивачката пиротехника поразбуктена, а навредите и омаловажувањата похистерични. За стравување е дека кога ќе се сведат на по десетина души дневно, ќе се полијат со бензин и ќе се запалат.

Наспроти тоа, власта не се откажува да го одржи пламенот на надежта дека евро-интегративен пробив во Брисел ќе се направи. Макар и како конструктивен влог за продолжување на тие напори идната година. Бидејќи, во спротивно, се разбира дека е најлесно да се дигне раце од сè и, соочени со бугарските провокации, да се влезе во груевистичката матрица за зацврстување на домашната власт пловејќи на бранот на домашната разочараност и распалувањето на овдешниот национален сентимент. Во таква трка кон дното, опозицијата би немала никаква шанса со пропагандната платформа што може да си ја обезбеди која било власт.

Тоа, без колебање, би го направиле веројатно 95 отсто од македонските политичари, сосе двајцата пензионери кои се јавија од длабоката темнина на нивните екс-претседателски пештери.

Но, не и Зоран Заев, очигледно. Дури и со рискантни потези, каков што е официјализирањето на Бучковски како специјален пратеник („мотиватор“) во Софија, со целиот негов контроверзен политички багаж, кој е најмалку спорен по прашањата на пробивите во македонската евро-интеграција.

Впрочем, на Заев во првата половина од идната година му следува изборен партиски конгрес на кој, на негова иницијатива, сите партиски членови (З.З.: „Јас сум човек демократа!“) ќе имаат шанса да кажат што мислат за водењето на неговата домашна и надворешна политика. Таков лидерски тест за политичкиот кредибилитет и легитимитет опозицијата не би можела да сонува ни кога би легнала на хипнотичка психијатриска сеанса на каучот на д-р Сигмунд Фројд.

Таа негова пожртвуваност и искреност ја препознава и меѓународната заедница, а и мнозинството граѓани во државава. И едните и другите не мислат дека е супер-способен или супер-паметен, но е многу над излитеното политичко калкулантство на балканската политичка школа.

Тоа се бара!

Преземено од civilmedia.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот