Заев: Комитетот за земјоделство се фокусира на системски мерки за продуктивно и одржливо земјоделско производство 

Комитетот за земјоделство, безбедност на храна, ветеринарство и фитосанитарна политика е во целосна функција за креирање на системски решенија за примена на позитивни европски практики, кои ќе придонесат за предвидлив и поволен деловен амбиент за одржливо и продуктивно земјоделство, порача премиерот Зоран Заев на денешната конститутивна седница на ова владино тело со кое тој претседава.

На седницата на Комитетот, информираат од владината прес-служба, се отворија повеќе теми од секторот земјоделство, за кои беа презентирани идни мерки и активности. Во фокус на дискусијата беше начинот и постапките за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, што е од исклучителна важност за земјоделците. Купувањето на земјиштето значи можност за нови инвестиции и производство,  што ќе влијае на развојот на земјоделството и вкупната економија.

На оваа седница една од точките беше и  воспоставување на концептот за развој на земјоделски осигурителен пул, кој согласно европските практики ќе придонесе за зголемување на процентот на земјоделското осигурување, што е од големо значење во услови кога има штети.

Дополнително се дискутираше за редизајнирање на интегрираниот административен контролен систем (ИАКС), во функција на спроведување ефикасни политики за имплементирање и мониторинг на мерките за директни плаќања и рурален развој.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство беше презентирана информација за превенција од евентуални опасности од африканската свинска чума и болеста син јазик, која што влијае врз намалување на добиточниот фонд.

На седницата на Комитетот учествуваа и вицепремиерот за економски прашања,  министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство, за животна средина и просторно планирање, за финансии, за труд и социјална политика, заменик – министерот и државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и директорите на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, на Агенцијата за храна и ветеринарство, на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Државен инспекторат за земјоделство, Фитосанитарна управа, ЈП Македонски шуми, ЈП за стопанисување со пасишта и на АД Водостопанство.

Беше заклучено дека во континуитет ќе се следат светските трендови во земјоделството и согласно тоа ќе се креираат соодветни мерки за унапредување на домашното земјоделство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот