Заев: Ќе има пресврт во Скопје, нема „Едно општество за сите“ ако главниот град го водат националисти

Зоран Заев во Шуто Оризари
Зоран Заев, Локални избори 2021 / Фото: СДСМ

Премиерот Зоран Заев во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, вечерва изјави дека ситуцијата во вториот круг од локалните избори е сега разбистрена, како и дека верува во успех во Скопје, иако за него резултатот по првиот круг не бил очекуван.

-СДСМ не изгуби од ВМРО-ДПМНЕ, дури имаат помалку гласови од претходно. Тие континуирано паѓаат. Ние добивме жолт картон, но тоа не е поради проектите. Слободата и демократијата си го направија своето на нашето конто. Имавме независни листи, но со исти политички убедување како нас. Тоа се наши гласови. Друг дел од гласачите останаа дома. Имаме различни гласачи за разлика од опозициската партија. Имаат слободарски дух и не се задоволни од нас и затоа мораме да ги посетиме. Многу граѓани не беа примени и посетени од градоначалниците за нивна лична потреба. Сигналот е пратен и примен. Ќе ја исправиме грешката, потенцира Заев.

-Граѓаните веруваат во проектите што ги работиме, веруваат во филозофијата, веруваат во интегративните процеси, веруваат во Едно општество за сите, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервју на ТВ21. Тој повтори дека не се потребни нови предвремени парламентарни избори, затоа што наредните повеќе од две години треба да се искористат за подобрување на економскиот стандард, повисоки плата и повеќе работни места.

Премиерот Зоран Заев во гостување на ТВ21 / фото: ТВ21/принтскрин

-Со победа на ВМРО-ДПМНЕ, немам дилема што се враќа – нивниот однос, карактерот на луѓето, во политиката се враќа режим, тоа се истите луѓе, без дилеми. Владата предводена од мене не може да влече напред кон ЕУ кога имате политики на локално ниво коишто ќе направат се да се скараат со Бугарија, со Грција. Јас можам да се борам за едно и еднакво општество, да обединувам дома, но нема напредок ако дојдат националисти во градот Скопје и луѓе скриени позади независна кандидатка, рече Заев.

Дел од своето излагање тој го посвети на опозициската кандидатка за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

-Видете го профилот кога таа не беше кандидатка, граѓаните можат тоа да го проверат, зборовите „мрш“, зборовите на непријателство со соседите заради тоа што не е поканета таа комора на состанок… Јас ги знам по структура ваквите личности и моја должност е да ги знам без разлика колку е тоа затскриено под коалиција на ВМРО и Алијанса, вели Заев.

Тој додаде дека нема никаква потреба од предвремени парламентарни избори, кои би биле губење на драгоцено време. Вчера, според него, „се потврдила стабилноста на политичкото мнозинство“. Заев вели дека по вториот круг од локалните избори, „веројатно ќе се случи окрупнување на мнозинството, затоа што сите овие личности и од власт и од опозиција сакаат да се израдуваат на нешто големо за државата, како што се поглавјата и кластерите, како што е видниот економски стандард на граѓаните“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот