Заев ја поздрави пораката од Борисов: Многу е важно каква историја пишуваме денес

Зоран Заев Бојко Борисов
Зоран Заев, Бојко Борисов / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Премиерот Зоран Заев ја поздрави пораката што му ја упати Бојко Борисов преку министерот за надворешни работи, Бујар Османи и изрази задоволство од ваквиот, како што рече, чин на пријателство.

Заев верува дека Борисов ќе биде еден од главните чинители за изнаоѓање решение меѓу двете земји ако биде избран за претседател на Владата во Бугарија.

Според Заев, многу е важно каква историја денес испишуваме и што ќе им оставиме на младите и идните генерации.

– Прво, драго ми е што се остварила ваква средба на софискиот аеродром од каде што патуваше нашиот министер за надворешни работи и многу ми е мило заради тоа што веднаш премиерот Борисов посакал да се види макар на кратко. Тоа е прво чин на пријателство. Второ, ја поздравувам пријателската порака која што ми ја соопшти министерот за надворешни работи, а впрочем и премиерот на Бугарија и мој добар пријател Бојко Борисов ја објави, а тоа е дека навистина имаме заедничка историја помеѓу двете држави и двата народa и тоа е суштината на Договорот од 2017 за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија и навистина тоа заедништво низ историјата што сме го имале овозможило да се создадат двата народa, двата јазика да се афирмираме се со конечна цел да постигнеме заедништво на европската агенда кое заедништво веќе го имаме во НАТО-агендата, рече Заев попладнево на прес-конференција во СДСМ.

Заев оцени дека наша аспирација како македонски народ со сите етнички заедници внатре, а иста аспирација и на бугарскиот народ е целиот Балкан да биде во ЕУ, да бидеме заедно, да бидеме силни, да ја унапредиме економијата, трговијата, да го дигнеме стандардот на нашите граѓани.

– Верувам дека навистина, како што кажа Борисов, важно е таа историја денеска што ја пишуваме, каква историја денеска ние испишуваме и што ќе им оставиме на младите и идните генерации после нас. Таа е важна. Не дека не е важно минатото. Важно е, го почитуваме. Тоа е основата на нашето постоење. Но, тоа е основата и на нашата иднина. Треба да бидеме фокусирани на иднината. Јас му посакувам на бугарскиот народ пред се мудра одлука на претстојните избори, а одлачат онака како што мислат дека е најдобро за нив, а веднаш после изборите јас очекувам да имам и средба со бугарскиот премиер за да можам понатаму јас, работните групи, министрите за надворешни работи да продолжиме во изнаоѓање на ова решение, нагласи премиерот и лидер на СДСМ.

Тој повтори дека е оптимист кога се работи за решавањето на македонско-бугарскиот спор.

– Знаете дека сум оптимист, сум бил секогаш оптимист дури и пред Преспа и пред сериозните предизвици дома коишто ги имавме и сакам да споделувам оптимистички очекувања со нашиот народ. Верувам дека оваа порака на пријателство која што е испратена е баш на доброчудноста на пријателството знаејќи го премиерот Борисов што мисли, како ги проектира или перципира идните наши односи. Знам дека сака да ја почитува целосно волјата на својот бугарски народ којшто го води и верувам дека доколку биде тој избран за претседател на Владата ќе биде еден од главните чинители за изнаоѓање решение кое што ќе биде навистина задоволително и на среќна околност на двете страни, пред се фокусирано кон иднината, а тоа е заедништвото во соработката, заедништвото во унапредувањето на пријателството. Јас го кажувам многу често братството помеѓу нашите христијански пред се народи, но и помеѓу сите народи и од друга етничка припадност или верска припадност коишто живат овде на Балканите и верувам дека ако повеќе соработуваме и Западна и Северна Европа ќе не почитува уште повеќе, рече Заев.

Меѓу перспективите што се пред нас, укажа, е и економијата.

– Еве ќе ги кажам сако како еден потенцијал што си го зададовме како обврска јас и Борисов, а тоа е трговијата од 580 милиони евра да ја унапредиме барем на една милијарда евра. Тоа значи многу работни места, многу квалитетни плати, тоа значи многу среќа за нашите граѓани од секој можен аспект, подвлече Заев, одговорајќи на новинарски прашања откако ја промовираше програмата со која ќе се кандидира на внатрепартиските избори во недела.

Министерот Османи и Борисов се сретнаа на аеродромот во Софија. Османи го чекал летот за Берн, а Борисов за Виена. Борисов преку Османи упати специјални поздрави до претседателот Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев. – Треба да седнеме и да ги решиме сите недоразбирања зашто Македонија и Албанија не можат да чекаат пред вратите на ЕУ, рече Бојко Борисов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот