Заев: Исполнета е мисијата, целта, аманетот од нашите предци и родители- да имаме земја која е целосна заштитена

Со сите одлуки демонстриравме храброст и одлучност, не калкулиравме со рејтинг, затоа сме различни. Ако беше борба за власт, ќе калкулиравме, Донесовме исправни одлуки, ги остваривме стратешките цели, го сплотивме нашиот мултиетнички народ. Покажавме дела и тоа е нашиот аргумент да бараме поддршка од вас. Бараме мандат за да можеме и натаму да го креваме квалитетот на целокупнот живот во земјата, истакна меѓу другото лидерот на СДСМ Зоран Заев на вечерашната граѓанска трибина на Коалицијата „Можеме” од Струга.

Заев им заблагодари на сите етнички заедници во земјата за солидарноста со Македонците демонстрирана во процесот на остварување на националните цели поставени низ вековите, во име на сите што гинеле во борбата за самостојна држава и слобода.

– Имаме држава со имотен лист, признаена во целиот свет. Имаме лична карта во ОН во која пишува Македонци и граѓани на Северна Македонија, со јазик – македонски јазик. Денеска имаме земја за која се бореле и вашите и моите предци и во Илинденското востание и во НОБ, да имаме татковина признаена во целиот свет. Исполнета е мисијата, целта, аманетот од нашите предци и родители да имаме земја која е целосна заштитена, и од нас самите и од НАТО, рече лидерот на СДСМ.

Покрај остварувањето на државните интереси и стратешки цели, Зеав укажа и на воспоставените пријателски односи со сите држави во светот, придобивка од мудрите одлуки носени изминатите три години.

– Денеска сме држава членка на НАТО и држава со одлука за почеток на преговори за членство во ЕУ и притоа сме пријатели со соседите. За 2,5 години располаа црвен тепих и во Вашинттон и во Берлин и во Париз, насекаде и се поклонија за политиките на пријателство, за демонстрираните европски вредности. Дојдоа сите лидери тука, Меркел, Меј, Помпео, па и Папата да изрази почит кон државата. И сега кога имаме пријатели, ќе ги отвараме и совладуваме поглавјата за членство во ЕУ. Сите фронтови пред нас се отворени и сите мегдани ни се на дофат, рече Заев.

Лидерот на СДСМ рече дека кога ќе се види постигнатото за последните три години и претходната деценија, воопшто и не е тежок изборот, нема дилема која е вистинската насока каде треба да се движи државата.

– Изборите не се тешки, јасна е одлуката. Зарем треба споредба на она што беше и она направеното изминатите 2,5 години. Од една страна Шекеринска, жената која ја венсе државата во НАТО, а од другата страна Дурловски кој доколку биде пратеник во Собранието ќе се врати на местото на злосторството…Одлуката е лесна и јасна како бел ден, рече Заев.

Откако се осврна на некои од реализираните проекти и зафати на Владата во изминатиот мандат, Заев истакна дека чист мандат од четири години ќе значи демонстрација на економски успех на дело.

– Дајте шанса да одржиме економкски лекции. Имаме ресурси, одлична географска поставеност, прекрасна клима, вредни луѓе, образуван кадар. Барам уште еден четиригодишен мандат за да покаќеме како се одработва за државата, паметно, плански, само за благодет на народот и негов напредок, рече Заев.

Лидерот на СДСМ уште на крајот порача процесот на враќање на плажите на Охридското Езеро во првобитна состојба ќе се спроведе и во Струга, на начин како што тоа се работи во Охрид, дека доколку Општина Струга не постапи согласно Уредбата, ќе и бидат одземени надлежностите на Општината, ќе се постапува согласно законите, а фактурата ќе му биде доставена на градоначалникот Рамиз Мерко.

Пред стружани се обрати и Радмила Шекеринска, заменик-претседател на СДСМ и носител на пратеничката листа на „Можеме” во 5 Изборна единица, истакнувајќи дека лесно е да се зборува пред граѓаните со чист образ, кога ќе се презентира сметката пред граѓаните со ветеното и оствареното.

– Нема веќе режим, нема веќе страв, се е променето во државата. За две и пол години успеавме да станеме членка на НАТО. Истуркавме тешки и мачните одлуки. 2020 година беше тешка, но и историска година. Во иста година станавме членка на НАТО, преговорите со ЕУ ќе почнат тогаш кога сите и дома и во Брисел ќе бидат сигурни дека на 15 јули сме ја донеле вистинската одлука. Кога ќе бидат сигурни дека како држава можеме и повеќе и подобро. За да покажеме дека како држава сме ги научиле лекциите, дека знаеме како да помогнеме во економијата, дека знаеме како да истераме брзи и ефикасни преговори со ЕУ и после четири години да покажеме дека и Европа е тука и дома, рече Шекеринска.

Лидерот на ПЕИ Фијат Цаноски рече дека коалицијата „Можеме” е победничка оттаму што ја претставува Македонија во мало, составена од политичари и лидери на сите етнички заедници во земјата, македонски, албанци, но и торбеши и сите останати, со максимален придонес на сите во остварување на заедничките цели и интереси на граѓаните и државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот