Заев: Институциите до детаљ да ја проверат работата на Лидија Димова

По информацијата дека 270 илјади евра ѝ биле дадени на фризерница за спроведување проект со пари од Европската Унија преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, на социјалните мрежи се појавија и наводи за други  проекти што добиле пари.

Адвокатот Александар Тортевски на Твитер објави дел од проектите какви што се „тренирање хрватско магаре и хрватски липицанер“ за кој училиште во земјава добило 83.000 евра и уште еден за „гостопримството на Кипар“ за кој исто така училиште добило 54.000 евра.

Во изјава за „А1он“ премиерот Зоран Заев побара од директорката  на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова на прес-конференција да ги објави сите детали околу доделувањето на овие големи средства.

– Јас нема да дозволам никаков сомнеж ниту евентуални злоупотреби. Затоа ја повикувам директорката на Агенцијата, Лидија Димова, веднаш да излезе и на прес-конференција да ги презентира целосно транспарентно сите детали во врска со начинот на распределба на средства од европските фондови наменети за образование и млади. Димова целосно и прецизно треба да ги адресира прашањата, на кои реагира јавноста и за кои се јавува сомнежот – изјави Заев.

Тој, исто така, ги повика надлежните институции да ја проверат работата на Националната агенција.

На објавите на адвокатот Тортевски, реагираше Димова, која изјави:

„Тортевски е адвокат и нема поим што е Еразмус повелба. Ако некогаш некој ја тужи Националната агенција, сакам Тортевски да ги застапува. Инаку, за информација на јавноста, училиштата со Повелба добиваат пари по дифолт од Еразмус“.

Во меѓувреме, со реакција се јави и СОЗШУ „Ѓорче Петров“, кое тврди дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, во рамките на Еразмус+ програмата, го одобри за финансирање проектот на СОЗШУ „Ѓорче Петров“, кој вклучува практична обука на 35 ученици и на 5 наставници, во времетраење од две недели, во Иваниќ Град, Република Хрватска.

– Целта на овој проект е учениците да се стекнат со вештини (вклучително и претприемачки вештини), со кои ќе бидат подобро подготвени за професионалниот свет и со тоа ќе се подобри нивната вработливост по завршување на средното образование. Проектот, меѓу другото, е дизајниран и да ги воведе и да ги мотивира учениците да започнат сопствен бизнис – велат од училиштето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот