Заев и Сугарески извршија увид во градежните дејствија на патот Битола-Демир Хисар

Регионален пат Битола/Фото: МИА

Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заедно со градоначалниците од регионот, денеска извршија увид на градежните работи кои се вршат при рехабилитацијата на регионалниот пат Битола-Демир Хисар.

– Еден ден пред големиот национален празник Илинден, имаме задоволство да го посетиме овој регион каде имаме повеќе активности. Рано наутро имавме настан каде доделивме персонализирани платежни картички за набавка исклучиво на ‘Еуродизел’ гориво за земјоделска механизација, со кои државата субвенционира 30 проценти од трошокот за гориво, за поттикнување и окрупнување на земјоделските производители. Заедно со министерот за транспорт и врски, Сугарески, сме тука за да видиме како напредуваат градежните работи за рехабилитација на регионалниот пат Битола – Демир Хисар – рече премиерот Заев при увидот на патниот правец во должина од 10 км и ширина од 6.4 м, кој се возобновува со средства обезбедени од Светска банка во износ од 1.5 милиони евра.

Истовремено премиерот Заев спомена дека Владата продолжува со капиталните инвестиции и поддршки, како што беше и денешниот настан во Општината Битола, каде заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, присуствуваа на доделување на 11 решенија за реализација на капитални проекти, во висина од 101.797.260 денари, преку Програмата за рурален развој.

– По денешниот увид во градежните работи на регионалниот пат Битола – Демир Хисар, слободно можам да кажам дека сме доста задоволни со тоа како тече рехабилитацијата. Досега се асфалтирани 7 километри, се работи на последните 3 километри и очекуваме во првата половина на месец август рехабилитацијата да биде завршена – истакна министерот Сугарески подвлекувајќи дека Владата интензивно работи на остварување на еден од врвните приоритети, а тоа е изградба на квалитетна, модерна и функционална патна инфраструктура низ целата држава.

Премиерот Заев и министерот Сугарески најавија дека за следниот период е предвидена рехабилитација на дополнителни 12 километри на овој правец, а исто така предвидена е и рехабилитација на регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола и државниот пат Битола – Меџитлија, каде се работи на дополнителни 40 километри патна мрежа во Битола и околината во текот на оваа и следната година.

Владините претставници го истакнаа значењето на развојот на овој регион, потенцирајќи дека изградбата на добра патна мрежа во Пелагонија не само што ќе ја олесни и унапреди работата на веќе постоечките компании, туку и ќе создаде услови за привлекување на нови инвестиции и економски раст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот