Заев и Нуредини: Процесот за прогласување на Водно за заштитено подрачје сѐ уште отворен за сугестии и предлози за најдобро решение

Водно фото МИА
Одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје сѐ уште не е утврдена во нејзината конечна верзија и процесот е отворен за сите сугестии и предлози во насока на најдобро решение кое ќе ги опфати сите аспекти за заштита на природата на планината, како и на другите аспекти за заштита.
Ова, како што соопшти владината прес-служба, го порачаа премиерот Зоран Заев и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на средба со претставници на повеќе граѓански организации од сферата на заштитата на природата и животната средина, предводени од организациите „Го сакам Водно” и „О2″, како и повеќемина експерти од оваа област, кои покажаа интерес за иницијативата на Владата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје, за која во досегашната јавна расправа поддршка дадоа над триесеттина граѓански организации и поголем дел стручната и академската јавност.
Претставниците на граѓанските организации и експертите присутни на оваа средбата изразија очекувања дека иницијативата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје ќе ги земе предвид и аспектите на заштитната улога што ја има оваа планина за градот Скопје од поплави, ерозија на земјиштето и од пожари. 

Заев и Нуредини нагласија дека иницијативата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје се донесува врз основа на Законот за заштита на природата, кој е донесен по претходно усогласување со законодавството на ЕУ, и со кој се обезбедува интегрирана заштита на заштитените подрачја во корелација и со другите релевантни закони.

Со одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје, е нагласено на средбата, ќе биде донесен и План за управување на подрачјето и Просторен план кои по дефиниција ги опфаќаат сите пропишани мерки и активности за заштита на природата, а особено мерки за управување со просторот и утврдување на систем на мерки и активности за заштита од пожари и други природни катастрофи, меѓу кои и мерките за заштита од ерозија.

Дополнително, како што информираат, во Одлуката ќе биде предвидено запирање на урбанизацијата во подрачјето на Водно до донесување на Планот за управување во кој ќе бидат прецизирани мерките за заштита и за интегрирано управување со заштитеното подрачје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот