Заев и Николовски во офанзива против корупцијата: Нема веќе чување предмети во фиоки, да не ни се случуваат „Панами и Белизиња“

Владата го усвои долгонајавуваниот Акциски план за борба против корупцијата, кој според најавите, ги содржи сите забелешки, препораки и барања на невладините организации, на Граѓанската платформа за борба против корупцијата, на „Транспаренси“, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на регулаторните тела и сите забелешки и препораки од стратешкиот партнер-САД, Извештајот на ЕК, и од сите релеватни институции кои ја следат состојбата во државата.

Премиерот Зоран Заев истакна дека планот е производ на политичката волја за искоренување на корупцијата и порача граѓаните и медиумите да зборуваат за оваа појава гласно. Според Заев со планот се опфатени дејностите на актуелната власт, но и на опозицијата, која, како што вели, ги трошела парите на граѓаните за времето на режимското владеење.

-Некои се осудени, некои се уште се судат. Додека тие се во обвинителните клупи, ние правиме демонтажа на остатоците на режимот. Додека тие се бореа да нема правда, ние уште од првиот ден започнавме со транспарентност, а тоа е антикорупциски лек, односно воспоставен стандард од кој нема назад, изјави Заев.

Премиерот додаде дека неетичкото однесување на актуелните функционери нема да остане неказнето и апелира да се пријавува секое мито.

-Медиумите сега известуваат за случаи за кои порано власта не ни слушаше, а тогаш дури за вакви проблеми се затвораа и медиуми, рече Заев.

Дел од мерките во планот се екипирање и дигитализација на Обвинителството, со што се очекува да се забрза процесуирањето на пријавите и повеќе да нема пријави во фиоки. Воедно, ќе се дигитализира и Управата за водење матични книги на родени, со што изводите би се ваделе онлајн. Заев најави и креирање т.н. е-инспектор, но и зајакнување на регулативата за укажувачите, со што би се зголемиле пријавите за противзаконски постапувања.

-Од мене до локалниот писар секој од нас да знае дека тука сме да служиме, нагласи Заев.

Од друга страна, вицепремиерот Љупчо Николовски нагласи дека со планот се носат храбри политики за ред, правда, дисциплина и враќање на довербата во институциите.

-Граѓаните наскоро ќе ја забележат разликата, тврди Николовски.

Тој потсети на значајноста на донесувањето на Етичкиот кодекс за функционерите на Владата, како и за имплементирањето на препораките на ГРЕКО.

-Обезбедивме и простории и повисок буџет на Државната комисија за спречување корупција. Тие сега ќе имаат софтвер со што ќе се поврзат со податоците на седумнаесет други институции.

Николовски додаде дека за да не се повторат „Панами и Белизиња“, се креира точен регистер за сопственици на фирми, а Советот на Европа се работи на создавање план за утврдување потекло на имот.

-Во рок од 30 дена Министерството за правда заедно со ОЈО се задолжени да направат анализа за сите потребни капацитети и ресурси во истражните центри на обвинителствата. Со тоа ќе се забрза решавањето на предметите. Ќе се дигитализира и Управата за матични книги и веќе чекањето пред шалтерите ќе замине во историјата, нагласи Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот