Заев и Филипче: Обезбедуваме современи медицински услуги за нашите граѓани

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посетија Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, во комплексот клиники „Мајка Тереза“, во Скопје.

Посочувајќи дека после неколку децении просториите на клиниката се целосно реновирани, како и дека комплетно е обновен хируршкиот инструментариум, како и дел од опремата, Премиерот Заев истакна дека во континуитет пациентите добиваат врвни медицински услуги, во линија на најновите светски стандарди во современата пластична и реконструктивна хирургија.

– Заедно со министерството за здравство посветено креираме модели коишто ќе обезбедат одржлив јавен здравствен систем. Зачувувањето и заштитата на здравјето на нашите граѓани, за нас како општество коешто се стреми кон одржлив развој, се врвен приоритет – заклучи Премиерот Заев.

Помеѓу останатите придобивки, како што рече министерот за здравство, д-р Венко Филипче, со реновирањето на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, се исполнети сите услови за спречување на интрахоспитални инфекции согласно стандардите на Светската здравствена организација.

Дополнително, додаде министерот Филипче, „воведени се нови процедури кои се во чекор со современата медицина, а се подржани од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување“.

– Секој граѓанин има право на достоинствен и современ здравствен третман. Нашите секојдневни заложби и активности се насочени кон создавање на услови за исполнување на ваквата цел. Во тој процес важна е посветеноста на сите чинители во здравствениот систем. Денес сум многу горд бидејќи заедно со моите колеги – хирурзи и останатиот персонал од Универзитетската клиника за пластична хирургија покажавме дека секоја идеја може да стане реалност, ако сме доволно решителни, посветени и упорни да ја постигнеме. Така и ќе продолжиме во иднина – истакна министерот за здравство, д-р Венко Филипче.

Истовремено, денеска на клиниката еминентниот пластичен и реконструктивен хирург, проф. д-р Оскар Азман од „Allgemeine Krankenhaus (АКН)“ медицинскиот универзитет од Виена, Австрија изведе комплексна операција на слободен трансфер на ткива од долен на горен екстремитет. Со оваа операција, во втора фаза, треба да се овозможи поставување на бионичка рака кај пациент кој бил повреден во сообраќајна несреќа, а којшто досега бил повеќепати опериран во неколку клиники во Европа

Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д- р Софија Пејкова, во својата изјава за медиумите истакна дека установата е темелно реновирана.

Дополнително, како што рече д-р Пејкова, во насока на следење на современите хируршки стандарди и методи, обновен е комплетниот хируршки инструментариум, апаратурата за електро хирургија, неуростимулација и друга специфична апаратура, со што третманот на пациентите и квалитетот на услугата е подигнат на високо ниво согласно највисоката медицинска пракса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот