Заев и Бочварски на увид на експресниот пат Штип-Радовиш
Премиерот Заев, какошто соопштуваат од владината прес-служба, упати пофални зборови за заложбите и максималната посветеност и во услови на пандемија на градежните работници кои секојдневно се на терен и ги реализираат проектите.
-Се применуваат сите европски правила за подигнување на нивото на безбедност во сообраќајот и изградба на експресен пат по најсовремени стандарди. Изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш со должина од 40,41 километар и вредност од преку 42 милиони евра се реализира во две фази. Изградбата на првата делница, од Штип до Бучим е во завршна фаза, поголемиот дел е веќе асфалтиран, осветлувањето е поставено и во моментов се монтираат еластичните огради. На втората делница, од Три Чешми до Радовиш, во тек се подготовки за поставување на коловозната конструкција. Се очекува првата делница од експресниот пат за три – четири месеци да биде пуштена во употреба, истакна премиерот.
-Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш е еден од најкрупните капитални проекти во овој регион. Велам дека е еден од многуте проекти, бидејќи оваа Влада само во овој регион инвестираше околу 265 милиони евра за изградба и рехабилитација на патната мрежа, рече министерот Бочварски и констатираше дека во градежниот сектор нема отпуштање на работници за што најголемо влијание за тоа имаат токму капиталните проекти во изградба на инфраструктурата.