Заев го демантираше Милошоски: Не сум кажал дека Јанева за 10 дена ќе биде пуштена во домашен притвор

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Премиерот Зоран Заев денеска ги демантираше вчерашните обвинувања од пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ дека на лидерската средба кажал оти специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за 10 дена ќе биде пуштена во домашен притвор.

– Строго ги деманитрам ваквите лаги бидејќи на лидерската средба кога се отвораше дебатата зошто воопшто се преговара кога предметите поминуваат во Јавното обвинителство, мојот коментар беше оти од Ирена Фрчковска сум информиран дека е логично Јанева да бара да ги достави предметите заради одговорност, но веројатно и жената да си бара олеснителни мерки во истрагата заради невлијание на сведоците, невлијание на предемтите. И тоа е коментарот за да продолжиме да преговараме. Вака некој со лаги тоа да го злоупотреби е нечесно кон јавноста и нека му е на чест на Милошоски – изјави Заев пред денешниот настан во хотелот „Хилтон”.

Во однос на разговорите за законот за јавното обвинителство, Заев рече дека преговорите продолжуваат со цел да се најде решение кое ќе биде поддржано со двотретинско мнозинство или со консензус.

Решение, рече Заев, мора да се најде, иако предметите се обезбедени и одат под надлежност на јавниот обвинител.

– Денеска почнуваме со писмена иницијатива на тоа што го разговаравме. Продолжуваме да разговараме и со ВМРО-ДПМНЕ и со другите партии во Парламентот за да изнајдеме решение. Не се откажуваме. Мислиме дека можеме да најдеме решение. Принципилено сме поставени. Апсолутно мислиме дека авангардни чекори поставуваме отворајќи како понуда обвинителство за гонење на висока корупција кадешто обвинителот ќе биде на предлог на опозицијата, а Парламентот ќе го бира – истакна Заев, додавајќи дека писмените предлози ќе ги каже министерката за правда Рената Дескоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот