Заев ги најави Еколог, ИКЕА и Блекстон, Мицкоски вети но не ги откри трите големи интернационални инвестиции

Во вчерашниот втор тв-дуел меѓу лидерите на најголемите партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, внимание предизвика дебатата околу странските инвестиции што и двајцата ги најавија, пишува Дојче Веле.

Во дуелот на МРТВ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе има три големи интернационални инвестиции во првите 100 дена откако ќе ја преземе власта, а нивните имиња ќе ги соопшти во премиерското експозе.

-Тоа ќе бидат сериозни мултинационални компании кои ќе инвестираат и тоа сериозен капитал. Кога зборуваме за минимум 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции, ние зборуваме за нешто што во овие 3 години досега назадуваше. Погледнете ја статистиката. Вложувањето на домашните инвеститори во основните средства е од година во година намалено, затоа што или се намалува обемот на бизнис или им се намалува желбата да инвестираат во Македонија, истакна Мицкоски.

Тој се осврна на неостварените најави на Заев за некои странски инвестиии дадени во почетокот на неговиот мандат.

-Претпоставувам дека тие инвестиции се како ‘Гугл’ и ‘Фејсбук’ коишто дојдоа да ‘инвестираат’, како што дојде гигант од автомобилската индустрија кога го најавуваа ‘Фолксваген’, па на тој начин планираат и новите да ги донесат во Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го искритикува Заев дека е несериозно е да најавува инвестициски влез на 3, 4 или 6 компании, бидејќи разликата помеѓу 3 или 6 е два пати, што значи два пати поголема кажана лага.

На фрлената „ракавица“, лидерот на СДСМ одговори со конкретни имиња на компании кои ќе инвестираат во земјата.

-’Еколог‘, македонската компанија етаблирана меѓународно, со 300 милиони евра инвестиција, согласно законот за стратешки инвестиции, потоа и ’Блек стоун‘ за Драјпорт меѓу Велес и Демир Капија, со индустриска зона, каде ќе се менаџираат сите стоки од пристаништето од Солун, поради поевтин складиштен простор. ИКЕА наскоро ќе инвестира во Македонија, исто така и ’Фреш фуд‘ партнерот на КФЦ, којшто во 10 градови прави инвестиции во домашно македонско пиле, огромна инвестиција, поголема од 100 милиони евра, рече Заев.

И покрај повтореното прашањето од Заев до Мицкоски, тој не ги спомна имињата на трите странски компании.

Странските инвестиции подолг период се предмет на политички препукувања, особено оние што влегоа по смената на власта во 2017 година. Најголемиот дел од критиките на сегашната опозиција, беа во стилот „ние ги договоривме, вие само ги дочекавте“, на што следуваа одговори со датуми и документи кои демантираат дека претходната власт имала заслуга за тоа.

Анализите за инвестициите реализирани во мандатот на актуелната власт допрва ќе се прават. Но, оние кои веќе се направени за периодот 2007-2016 година покажаа дека ветувањата и реализација секогаш не се совпаѓаат. Базата на податоци изработена од БИРН за посочениот период, покажа дека од најавени 138 биле реализирани 51 инвестиција, односно од највените 3,79 милијарди евра биле инвестирани 637 милиони евра.

Од најавените 62.701 вработувања, се вработиле 20.555 лица. Во првата петорка на најголеми инвестиции биле Џонсон Мети (92,93 милиони евра), ТАВ (63,60 милиони евра, Скопје сити мол (59,55 милиони евра), Кромберг и Шуберт (38,50 милиони евра) и Ван Хол (34,05 милиони евра).

Од друга страна, во анализираниот период инвестиции со најмногу вработени имале Дрекслмајер (5.507) и Кромберг и Шуберт (3.116).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот