Заев, Филипче, Адеми, Дескоска и Царовска разговараа со родителите кои протестираа против вакцинација

Фото: МИА

Премиерот Зоран Заев заедно со министрите за здравство, за образование и наука, за правда и за труд и социјална политика Венко Филипче, Арбер Адеми, Рената Дескоска и Мила Царовска денеска се сретнаa со група родители кои не сакаат нивните деца да ја примат вакцината за заштита од вирусите на морбили, рубеола и паротит или МРП вакцина, соопшти владината прес-служба.

На средбата, премиерот Заев истакнал дека одлуката на Владата да прогласи епидемија на ситни сипаници на територијата на целата земја и да се спроведе вонредна вакцинација е донесена врз основа на научни факти и мислења на експерти, според кои во услови на намален колективен имунитет и пораст на бројот на заболени, единствен начин да се сузбие епидемијата е да се спроведе вакцинација во и надвор од здравствените установи.

Родителите од своја страна, пак, изразиле став на несогласување за обврската нивните деца да ја примат вакцината и дека очекуваат тие да посетуваат градинка и да бидат запишани во училиште.

Министерот за здравство  Филипче посочил дека освен со законски норми, во услови на епидемија, вакцинацијата е задолжителна за сите невакцинирани лица, без разлика дали станува збор за деца или за возрасни луѓе. Тој додал дека фактот што во градинка не одат невакцинирани деца дава резултати во справување со епидемијата на морбили.

Според родителите, вакцинацијата треба да биде право на избор на претходно информиран родител.

Во оваа насока, како што стои во соопштението, Владата се заложила во претстојниот период да се спроведе јавна презентација на факти и медицински анализи пред сите засегнати страни, но пред сé пред родителите со цел темелно и точно да бидат информирани за МРП вакцината.

– Владата постои за граѓаните, но моја законска обврска е да ги слушам експертите, стручните анализи. Го задолжувам министерот за здравство, да ве собере на голема презентација и дискусија на која пред сите ќе се презентираат медицинските факти и секој ќе може да каже мислење. Наша цел е здравје за децата и граѓаните – заклучил премиерот Заев на денешната средба со група родители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот