Заев: Еуро Никел индустри успешно ги освојува пазарите во Европа, Азија и Америка

Еуро Никел индустри денеска е повторно една од најуспешните приказни во нашата земја и го задржа приматот што го имаше долги години наназад како најголем извозник на феро никел од Северна Македонија и двигател  на македонската економија. Тоа го изјави премиерот Зоран Заев во Кавадарци, на свеченоста по повод една година успешна работа на кавадаречката компанија.

Во изминатава година во комбинатот се инвестирани над 80 милиони евра, а направена е дополнителна инвестицијата само во втората печка во износ од 15 милиони евра. Откако се спроведува планот за реорганизација, Еуроникел само со една линија постигна производни рекорди од речиси 1500 тони никел месечно. Со активирање на втората печка оперативниот капацитет на Еуроникел дополнително се зголемува со што планираното производство за следната година е 20.000 тони никел годишно.

Според Заев, надминати се сите кризи и затекнати проблеми, вработените се задоволни и среќни, просечната плата во компанијата во октомври достигна повеќе од 550 евра или за 30 отсто поголема од просекот во државата.

Еуро никел индустри моментно има илјада вработени и директно или индиректно соработува со илјада, само локални компании. Само во последниот период овде се вработени дополнително 100 работници кои се на обука за да бидат подготвени да се вклучат во процесот со активирањето на втората печка за новата производна линија, во која се вложени нови 15 милиони евра.

– Со извозот што до крајот на годината ќе изнесува преку двеста милиони евра учествува со 1.8 проценти во БДП на државата. Овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1000 наши сограѓани кои егзистираат токму од работата во Еуроникел Индустри, но и затоа што е столб во креирањето на бруто домашниот производ и е, на еден начин, мотор на економскиот развој. Денес Еуроникел Индустри е производител на висококвалитетен никел, којшто успешно ги освојува пазарите во Европа, Азија и Америка. Тоа се пазарите на кои се извезува целокупното производство, со што компанијата се вбројува меѓу најголемите извозници од Северна Македонија. Од 624 милиони евра вкупната вредноста на странските директни инвестиции, 80 милиони се тука во Еуроникел Индустри- истакна Заев.

Со новата печка, што денеска е пуштена во погон, можеа да се видат сите перформанси и да се дознаат  сите детали, за таа да биде подготвена и ставена во употреба.  – Идната година се проектирани планови  за  производство од 20 илјади тони, односно меѓу триста и триста дваесет милиони евра извоз на феро никел од нашата земја низ целиот свет. Тоа значи учество во бруто домашниот производ, планирано за следната година, од 2,7 проценти, посочи Заев.

Вицепремиерот Коста Анѓушев се осврна на потешкотиите кои ги имаше претходно оваа компанија  и нагласи дека сега произведува пет проценти од извозот во нашата држава, учествува во бруто домашниот производ на државата. – Со новата инвестиција од петнаесет милиони евра во втора печка ќе учествува уште повеќе и во бруто домашниот производ и во извозот. Нормално ќе помогне и на државата во делот на подобрување на економските перформанси и параметри генерално на економијата и во општеството, но секако и во регионот.  Тоа не е значајно само за вработените и сопствениците, значајно  е за сите партнери коишто соработуваат, за сите добавувачи, а тие се бројни и од земјата, за среќа,  но и од странство, рече Анѓушев.

Пред присутните се обратија и Маркос Камхис, директор на матичната компанија на Еуроникел, ГСОЛ и Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел индустри, кои исто така се осврнаа на успешното работење на компанијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот