Заев: ЕУ знамето, но и овие блокади овде не нѐ прават Европејци

Разбирам дека веењето на ЕУ знамето не нѐ прави Европејци, но и овие блокади овде не нѐ прават Европејци, изјави премиерот Зоран Заев денеска во Собранието, одговарајќи на прашање на пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ за носењето закони по скратена постапка со европско знаменце.

Имаме блокирани закони, нагласи тој, и тие закони веројатно ќе останат долго време блокирани, бидејќи тоа е демократско право на опозицијата.

– Немаме таму право да ставаме европско знаме и тие остануваат така. Ама, таму каде што имаме право да ставиме европско знаме, таму ставаме. Пописот е согласно Евростат, во пописот има директиви на ЕУ и е согласно ЕУ правилата за ставање на европското знаме –  рече Заев.

Претходно законот дојде по регуларна постапка, но посочи тој, кога го имаме правото да го ставиме европското знаме, а гледаме дека се блокира процесот, го ставаме.

– Жалам што мора Владата некојпат, како овластен предлагач да повлече закон и да достави со европско знаме, затоа што само на тој начин очигледно можат ваквите многу потребни решенија за државата, како што е пописот во 2021 година, да може конечно да се спроведе – изјави Заев.

Силјановска Давкова, рече дека не е задоволна од одговорот и дека десетина закони се донесени со европско знаменце, кое е како „марка залепена на погрешен плик”.

На прашање, исто така од пратеничката Силјановска Давкова, зошто се брза и „не се усогласат чекорите на реализација на Преспанскиот договор со националните интереси, особено што се уште не сме добиле датум” за почеток на преговорите, премиерот Заев рече дека Преспанскиот договор има два периоди – технички и политички.

– Не брзаме таму каде што не мораме, и за политичкиот дел на она што е согласно Преспанскиот договор, освен онаму каде што тоа е врзано со Уставот, заради тоа што согласно овој договор произлегува и обврска и за промена на Уставот… Таму каде што немаме, таму го оставаме тој дел, од проста причина дека е паметно, дека е мудро да ги искористиме и нашите права, кои произлегуваат од нашиот договор, односно гарантот во тоа време, кој што не храбреше и двете страни да постигнеме договор… На некој начин Европската Унија биде гарантот за придобивките – изјави Заев.

Кога ќе се обратат министер, директори на јавни институции, претседателот на државата и пратениците, рече Заев, треба да се обратат со уставното име, затоа што тоа е минимум нешто кое сите ние треба да го почитуваме.

– Таму каде што нема никакви рефлексии, било што на Уставот и на законите, секако дека не постапуваме и очекуваме да остане како позитивен притисок и врз ЕУ и врз земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија и Грција, да го гледаат како нивна обврска да помогнат и убрзаат, се со конечна цел да го исполнат тоа што го имало како нивно ветување во делот на нашето охрабрување да ги решаваме билатералните прашања, кои нашата земја ги има од самостојноста до денес. Голем дел се решени и денес сме навистина, пријатели со сите соседи – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот