Заев: Етничката припадност во личните карти не е спротивна на Преспанскиот договор
Премиерот Зоран Заев вели дека вметнувањето на графа за етничката припадност во личните карти не е спротивна на Преспанскиот договор, ниту пак Грција има задршки околу тоа.
Тој вели дека за да се направат вакви законски измени е даден збор откако тоа го побарала и аргументирала Беса уште во периодот кога се носеа уставните измени. Заев нагласува дека државјанството е една карактеристика која стои во документите, а етничката припадност друга и не е нигде забранета.
„Аргументациите ги разгледав јас и тимот со сите стручни служби, секако тоа го проверивме уште еднаш низ Преспанскиот договор. Моите советници за надворешни работи, министрите за надворешни работи и тогаш и сега, разговарале, и апсолутно е во корелација со Преспанскиот договор. Важно е да се почитува до крај државјанството каде стои ’Македонско/Граѓани на РСМ‘. Етничкиот идентитет е потврден и на Македонците со Преспанскиот договор како што е потврден и македонскиот јазик и апсолутно нема никакви загрозувања на кои било интересите дома и апсолутно нема пречи ниту задршки од страна на пријателска Грција“, вели Заев.
Тој вели дека го прочитал и интервјуто на претседателот Стево Пендаровски, кој не се согласува со ваквите законски измени. Тоа, вели Заев, е убавината на демократијата.
„Внимателно го читав интервјуто на претседателот кој секако почитува ако мнозинството одлучи и го донесе законот, тој да го потпише указот. Убавината на луѓе кои веруваме во исти вредности е во тоа што понекогаш за одредени аспекти сме различни и тоа е многу логично. Сепак, претседателот е прв во државата, ова за мене е вредно. Нормално ќе разговараме за аргументациите“, изјави Заев.
Етничката припадност во личните карти е предлог на Движењето Беса и е дел од предизборниот договор меѓу партијата на Билал Касами и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Предлогот е во собраниска процедура, а партиите на Албанците најавија дека ќе го поддржат. Предлагачите на законот за изменување и дополнување на законот за лична карта по скратена постапка се четворица пратеници од Беса, кои предлогот го доставија во декември 2020.
ВИДЕО I Зендели: Никој не губи ништо, ако има етничка припадност во личните карти