Заев: Доцниме со реформите во образованието, но нема ни да избрзуваме

Целта на реформата е да го осовремениме нашето образование со нов модел на наставата кој е инспириран од образовните системи на развиени земји во Европа и светот, но имајќи предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со светските искуства да создадеме национален, македонски модел на основното образование, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето со кое почна јавната собраниска расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование.

Треба да се имаат предвид, рече, инклузивноста, еднаквоста, родовата рамноправност и мултикултурализмот и други аспекти на нашиот концепт „Едно општество за сите”.

– Овие денови се слушаат гласови дека брзаме со образовната реформа. Моето мислење е спротивно – ние доцниме со реформите во образованието. Тие требаше да се случат пред десетина години зашто како неопходност ги наметнуваше исклучително брзиот развој во сите општествени сфери кои бараат образование во чекор  со динамичните и прогресивните промени. Кога велам доцниме, истовремено велам дека и нема да избрзаме. Ќе работиме на тоа да дизајнираме најсоодветна образовна реформа, која е во најдобар интерес за децата. Со таков иновативен и применлив образовен модел, да му овозможиме на секое дете преку образованието да го постигне својот максимален потенцијал. Затоа, првпат во последната деценија во нашата држава, се прават реформи на транспарентен начин и вклученост на сите страни, а во најдобар интерес на учениците, истакна Заев, додавајќи дека досегашните консултативни дебати и оваа јавна расправа ќе помогнат да се расчистат и некои дезинформации во однос на првичниот нацрт на концепцијата.

На пример, рече, со презентацијата на нацрт-концепцијата јасно се покажува дека со предметот Општествени науки не се укинува предметот Историја или други предмети, туку содржините од нив се предвидуваат да станат задолжителен дел од новата наставна програма. Не се предвидува ниту намалување на наставници по Историја, Географија и Граѓанско образование, туку продолжуваат, рече, заедно да ја планираат наставата со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин.

Додаде дека концепцијата им овозможува и кариерен развој на наставниците и дека се темели на анализа од експерти и меѓународни институции и дека е дел од Стратегијата за образование 2017-2025 и е предвидена со Законот за основно образование донесен минатата година.

Министерката Мила Царовска во обраќањето истакна дека реформите во образованието се нужни, зашто се во интерес на сите деца во државата, и овој процес не смее да запре зашто секоја учебна година нашите деца, како што рече, учат од неквалитетни учебници, следејќи несоодветна програма, а тоа нанесува огромни штети на младите генерации.

-Сите истражувања потврдуваат дека нашите деца не се стекнуваат со потребните вештини и не можат да го развијат својот полн потенцијал поради лошиот образовен систем. Според ОЕЦД, учениците до 14 години од Северна Македонија добиваат околу 900 часа помалку настава во споредба со другите земји членки, а според УСАИД, нашите деца имаат тешкотии во основни вештини, како што се читање со разбирање и одземање. Нивните тестирања  покажуваат дека помалку од 40 проценти во второ одделение ги завршиле задачите со прочитан текст, наспроти меѓународното мерило од 80 проценти. Овие податоци значат уништени генерации и запоставени и заборавени идни човечки потенцијали, рече ресорната министерка, која во обраќањето зборуваше за придобивките од новата концепција.

Членови на работната група кои ја креираа Нацрт-концепцијата, Виолета Петровска-Бешка и Кирил Барбареев, ја претставуваат пред присутните на јавната собраниска расправа, која денеска ја организира матичната Комисија за образование, наука и спорт. Присуствуваат претставници на Владата, МОН и од органите во негов состав, од државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, од МАНУ, невладини и меѓународни организации

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот