Заев: Да им најдеме работа на сите, да може да имаат поголеми плати

Трибина во Шуто Оризари/ Фото: Слободен печат

Во Шуто Оризари победува коалицијата „Можеме”, победува единството и заедништвото. Секојпат ми е чест да зборувам пред ромскиот народ, знаеме дека можеме уште повеќе и подобро, сите други доаѓаат, лажат и заминуваат после изборите, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на трибина вечерва во Шуто Оризари.

-Јас бев овде заедно со сите вас да се радуваме на новите улици со бекатон плочки, на сите нови проекти што ги правевме, на новата полициска станица, на новиот проект за градинката. Секојпат сме биле овде за да ги афирмираме ромскиот јазик, култура и традиција. Заедно се боревме против сиромаштијата, за честа и достоинството на РС Македонија. Во целиот овој период покажавме дека сме различни од другите, затоа сме во најголемата коалиција, во која има четворица пратеници од ромската заедница. Најсиромашна ни е ромската заедница, најмногу треба да работиме за ромската заедница и нема да престанеме да работиме додека квалитетот на животот на Ромите не биде ист со квалитетот на животот на Македонците, на Албанците, на Турците, на сите, порача Заев пред жителите на Шуто Оризари.

Заев говореше за Преспанскиот договор, за договорот со Бугарија, но и за концептот „Едно општество за сите”, потенцирајќи дека во единството е силата. Нагласи дека се постигнати двете стратешки цели членство во НАТО и отворање поглавја за почеток на преговорите со ЕУ, а е утврдена и преговарачката рамка.

– Како членка на НАТО, со преговори со ЕУ конечно го доживеавме денот за што се боревме од независноста, да го дигнеме економскиот стандард, да ја решиме сиромаштијата, да им најдеме работа на сите, да може да имаат поголеми плати, старите луѓе да дочекаат повисоки пензии, да има поголем стандард, да има водовони канализации секаде, убава инфраструктура, детски градинки , училишта, да има секаде  Домови на култура, да ја негуваме и ромската и макеоднската и божњачката и српската и албанската и турската традиција, затоа што тоа е нашето богатство. Ние сме Европа во мало- говореше лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, на граѓанската трибина вечерва во Шуто Оризари порача дека ова е трибина во очи големата победата на иднината на нашата земја на 15 јули.
– Вложувавме во инфраструктурата во секоја општина, се вложувавме во секој човек. Се што беше најголем проблем во време на режимот е решен денес или е во фаза на решавање. Градевме патишта, улици, водоводи, канализации, една од најубавите градинки е овде во Шуто Оризари, рече тој.
Денес, нагласи Спасовски, сите сме исти и сите сме едно. Наместо да рушиме, градиме.
– Многу работевме да го јакнеме концептот што го постави претседателот Заев за Едно општество за сите и покажавме дека секој заслужува иста шанса да работи, да се образува, да живее, заедно да ја градиме иднината на нашата земја. Направивме храбри одлуки и само за три години Република Северна Македонија стана членка на НАТО и ги отворивме перспективите за ЕУ. Требаше да имаме поддршка и таа поддршка ја црпевме од сите вас, благодариме. Покажавте дека сте прогресивни вградувајќи се во европска Македонија, како што се вградивте во независноста на нашата држава. истакна Спасовски.
Режимот, подвлече тој, не смееме да се врати.
– Нема да дозволиме влечење за уши. Ќе ги пратиме во опозиција да се обноват. Масовно да излеземе на избори и уште од пладне да ја најавиме победата на 15 јули,  повика Спасовски во Шуто Оризари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот