Заев: Цената на струјата е стабилна, даден е налог за вклучување на третиот блок на РЕК Битола

Струја / Фото: МИА

Граѓаните не треба да стравуваат дека цената на струјата ќе се зголеми бидејќи се преземени сите чекори за стабилна цена, а за компаниите и за институциите веќе е даден налог за вклучување на третиот блок на РЕК Битола, порача денеска премиерот Зоран Заев по најавите дека е можна енергетска криза во регионот.

На прес-конференцијата во Владата, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот најави дека во следниот период ќе бидат дополнети буџетите на јавните институции со цел да може да се плати повисоката цена на струјата.

– Граѓаните не треба да стравуваат затоа што цената е утврдена на 36 евра, разликата кон ЕСМ ја покриваме ние, ДДВ го намаливме од 18 на 5 проценти така што преземени се сите чекори за стабилна цена на домаќинствата. Компаниите и јавните институции се на отворен пазар и ние нема да останеме неми набљудувачи. Даден е налог и мислам дека денеска е објавен тендер за вклучување на третиот блок на РЕК Битола со цел да генерираме политики на комплетно менаџирање со помош кон компаниите и кон јавните институции. Во јавните институции во буџетите ќе ставиме повеќе пари за да може да платат поскапа струја и тоа ќе го решаваме во периодот што доаѓа. Верувам дека ќе изградиме сериозни капацитети токму со вклучување на третиот блок којшто значи употреба на некои 1 800 000 тона јаглен дополнително за производство на електрична енергија во период кога имаме вакви циркулации за електричната енергија, рече Заев.

Верува дека навремено се преземени сите чекори за да се ублажат ценовните шокови предизвикани од берзанската цена на струјата.

– Навремено преземавме мерки со намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5 проценти и директно интервенираме со буџетски средства кон ЕСМ. Веројатно до крајот на годината на соодветен начин од Буџетот ќе бидат пренесени повеќе од милијарда и двесте милиони денари, средства кои ќе значат раздолжување на одредени компании кон ЕСМ, како што се Железници и Транспорт за да може да помогнеме во набавките на јагленот, а секако и во делот на супституција на цената со конечна цел граѓаните да не трпат директни рефлексии од високите берзански цени на струјата, изјави Заев.

Извор: МИА

Видео на денот