Заев: Бугарија нѐ призна прва, а признавањето на суверенитетот значи признавање на правата на определба

Владата има единствен став за дијалогот со Бугарија и дефинитивно ние во овој период треба да работиме на Акцискиот план, кој значи создавање позитивна клима, унапредување на соработката, но и позитивна клима за политичките прашања. Сензитивни прашања не се решаваат во предвечерието на изборите, вели премиерот Зоран Заев.

– Ставот на министрите е став на Владата, наш заеднички став. Во интерпретациите можете да видите и некои различности во кажувањата. Дефинитивно ние во овој период треба да работиме на Акцискиот план. Акцискиот план значи создавање плус и на позитивна клима, унапредување на соработката, но и позитивна клима за политичките прашања. Според мене, двајцата министри за надворешни работи имаат контакти, но не треба да ја подигаме надежта дека нешто ќе се случи до изборите во Бугарија. Тргнувам од мене, не да потценувам. Кога ќе ги прашате од Бугарија викаат зошто не – ние можеме и утре да решаваме. Не. Сензитивни прашања не се решаваат во предвечерието на изборите, изјави вечерва Заев во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Според него, двете земји се залагаат за доследна имплементација на Договорот за добрососедство.

– Значи, иста работа бараме, а тоа е двете страни соодветно обврските да си ги преземат и во изградба на инфраструктурата и во работата на образовно-историската Комисија и во креацијата на идеите и слично. И до овде наоѓаме решение, тоа е Акцискиот план. На секторско ниво верувам дека овие денови ќе се усогласи. Дадовме ние сет на идеи, тие вратија сет на идеи. Овие денови ги усогласуваат министрите за надворешни работи, ако го усогласат брзо, а гледам дека ќе го усогласат заради тоа што тие ги искоментираа нашите идеи позитивно, ние нивните позитивно, супер. Тоа е сет на идеи и верувам дека тоа е динамична материја и може да ја надоградуваме во иднина заради тоа што е навистина секторско поврзување за идна уште подобра соработка помеѓу нашите две земји, вели Заев.

Тој додаде дека следува усогласување на меѓувладината конференција помеѓу двата министри за надворешни работи и нивните тимови, владите да ги усвојат и да влеземе во комплетна имплементација. Појасни дека станува збор за подготовка и заедничка организација на спортски турнири, размена на искуствата во дигитализацијата, во образованието, во областа на социјалната заштита, во здравството каде, вели, веќе неколку пати си помогнавме.

Запрашан за оспорувањето на македонската придавка, со македонскиот јазик, со идентитет, Заев е дециден дека за идентитетски прашања никаде во свет не се преговара, ниту пак ние ќе преговараме.

– Значи, Бугарија кога ќе ја прашате тие викаат ние реалноста ја прифаќаме за постоењето на македонски јазик и македонски народ. Ние тука се согласуваме. Продолжението вика – ај да разговараме за историјата. Ние велиме историјата е на Комисијата за историски и образовни прашања, нека ја решаваат историјата. Јас како претседател на македонската Влада сакам, очекувам, нашиот народ очекува чисто признавање на македонскиот јазик и македонскиот народ, а не да кажат ние реалноста ја признаваме ама дај да видиме минатото, корењата и се. Минатото и корењата се мој идентитет. Значи, историјата на мојот македонски народ, историјата на мојот македонски јазик е исто така идентитетско прашање. За идентитетски прашања никаде во свет не се преговара, ниту пак ние ќе преговараме. И тоа воопшто не е на маса за разговори освен нашето барање да не признаат, вели премиерот Заев.

Според него во Договорот за добрососедство од 2017 година остана формулацијата бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија или македонски јазик согласно, Уставот на Република Македонија и тоа, вели, треба да го решиме. Дај да го надминеме.

– Таа остана. Не успеавме очигледно да ја решиме уште тогаш. Но, решивме – постоењето на двата народи – постои, постоењето на заедничка историја помеѓу двата народи и држави – постои внатре верувајќи дека ќе го направиме. Бугарија нѐ призна прва. Признавањето на суверенитетот на тогашна Република Македонија значи признавање на суверените права. Тоа се правата на определба. Каков јазик зборуваме – тоа е нашиот официјален и службен јазик, тоа е македонскиот јазик. Какви сме – Македонци сме по определба и сл. Ние немаме проблем дека има граѓани што се чувствуваат Бугари овде. Немаме никакви претензии кон Бугарија не само територијални, ниту имаме претензии за мешање во внатрешни работи, ниту за малцински прашања, кои се регулирани меѓународно. Тие имаат специфичен Устав и ние го почитуваме тој нивен Устав. Тие имаат и на попис се изјаснуваат граѓани како се чувствуваат или слично. Но, навистина не може да кажете дека Северна Македонија предизвикува одредени територијални претензии спрема Бугарија. Тоа сме го разговарале и јас и премиерот Борисов и нашите работни групи и утврдивме дека Северна Македонија е исто како Република Северна Македонија и се однесува на политичкиот субјект на државата, вели премиерот Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот