Заев-Брнабиќ: Граничното поврзување меѓу Македонија и Србија да биде пример за регионална соработка и просперитет
Премиерот Зоран Заев заедно со неговата српска колешка, Ана Брнабиќ, денеска, на граничниот премин Табановце-Прешево го означија стартот на работата на интегрираниот граничен премин меѓу Србија и Македонија.
Двајцата премиери нагласија дека ова поврзување е значајно, не само за економската соработка меѓу двете земји, туку и за регионалната соработка и развој на целиот регион.
– Заедничката гранично царинска контрола е круната на добрососедството и пријателството меѓу двете земји. Со новиот концепт ќе се забрза протокот на патници, стоки и превозни средства, ќе се зголеми бројот на туристи во двете држави, како и бројот на транзитните туристи. Контролите ќе се вршат на едно место. Ќе има меѓусебно признавање на меѓуграничните сертификати, а со тоа ќе има помалку царински измами. Ќе се зголеми нивото на доверба, ќе се зголеми трговијата, ќе се намали корупцијата – рече Заев во своето обраќање.
Преку ГП Табаноце лани поминале околу 200.000 камиони, што е една четвртина од вкупниот промет на товарни возила. Се очекува, истакна Заев, тој годинава да се зголеми за 30 проценти и да достигне 260.000.
Српската премиерка Брнабиќ посочи дека ова е прв заеднички граничен премин во овој дел на Европа.
– Ова е потенцијално нов почеток за економска и регионална соработка на Западен Балкан. За ова ни е потребна политичка храброст и визија, а не кратковиди политички политики. Регионалната соработка се наоѓа пред големи предизвици поради практично директната суспензија на ЦЕФТА договорот од страна на Приштина. Оваа одлука не е одлука која беше само против трговија со Централна Србија и БиХ. Оваа одлука ги раздрма сите регионални договори. Поради тоа е потребна храброст и политичка одговорност, да се фокусираме на тоа што се интереси на регионот. Политички паметно е да се поврзуваме, а не да се блокираме – рече Брнабиќ.
Новиот едношалтерски заеднички граничен премин на границата меѓу Србија и Македонија, како што нагласи Брнабиќ, ќе овозможи побрз проток на товарните возила и претставува сигнал којшто треба да ја охрабри регионалната трговија и трговската размена.
БОНУС ВИДЕО