Заев-Брнабиќ: Граничното поврзување меѓу Македонија и Србија да биде пример за регионална соработка и просперитет

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Премиерот Зоран Заев заедно со неговата српска колешка, Ана Брнабиќ, денеска, на граничниот премин Табановце-Прешево го означија стартот на работата на интегрираниот граничен премин меѓу Србија и Македонија.

Двајцата премиери нагласија дека ова поврзување е значајно, не само за економската соработка меѓу двете земји, туку и за регионалната соработка и развој на целиот регион.

– Заедничката гранично царинска контрола е круната на добрососедството и пријателството меѓу двете земји. Со новиот концепт ќе се забрза протокот на патници, стоки и превозни средства, ќе се зголеми бројот на туристи во двете држави, како и бројот на транзитните туристи. Контролите ќе се вршат на едно место. Ќе има меѓусебно признавање на меѓуграничните сертификати, а со тоа ќе има помалку царински измами. Ќе се зголеми нивото на доверба, ќе се зголеми трговијата, ќе се намали корупцијата – рече Заев во своето обраќање.

Преку ГП Табаноце лани поминале околу 200.000 камиони, што е една четвртина од вкупниот промет на товарни возила. Се очекува, истакна Заев, тој годинава да се зголеми за 30 проценти и да достигне 260.000.

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Српската премиерка Брнабиќ посочи дека ова е прв заеднички граничен премин во овој дел на Европа.

– Ова е потенцијално нов почеток за економска и регионална соработка на Западен Балкан. За ова ни е потребна политичка храброст и визија, а не кратковиди политички политики. Регионалната соработка се наоѓа пред големи предизвици поради практично директната суспензија на ЦЕФТА договорот од страна на Приштина. Оваа одлука не е одлука која беше само против трговија со Централна Србија и БиХ. Оваа одлука ги раздрма сите регионални договори. Поради тоа е потребна храброст и политичка одговорност, да се фокусираме на тоа што се интереси на регионот. Политички паметно е да се поврзуваме, а не да се блокираме – рече Брнабиќ.

Новиот едношалтерски заеднички граничен премин на границата меѓу Србија и Македонија, како што нагласи Брнабиќ, ќе овозможи побрз проток на товарните возила и претставува сигнал којшто треба да ја охрабри регионалната трговија и трговската размена.

БОНУС ВИДЕО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот