Заев: Борбата против сиромаштијата, еднакво општество за сите, приоритет на Владата

фото: МИА

Борбата против сиромаштијата и нееднаквоста во општеството е врвен приоритет на Владата и во таа насока е и воведувањето на политики со кои ги враќаме парите кон граѓаните, политики со кои им помагаме на оние на кои им е најпотребна или беа заборавени и на маргините на општеството.

Ова го рече премиерот Зоран Заев, на денешната регионална конференција за ефективна социјална заштита по повод Меѓународен ден за борба против сиромаштија.

Говорејќи дека приритет останува концептот за еднакво и правдено општество за сите, тој се осврна на политиките со кои граѓаните веќе земаат социјална помош повисока во просек за 300 проценти, за зголемената минимална плата, што е изедначена во сите сектори. Благодарение на овие решенија, подвлече Заев, 50 илјади работници од трудоинтензивните индустрии добиваат повисоки плати.

– Работиме на ново покачување на минималната плата. Ако дијалогот заврши вечерва или утре од сабајле, веројатно и утре тоа ќе го објавиме – рече премиерот Заев.

Конечната цел во борбата против сиромаштијата, според Заев, е никој да не биде запоставен. Благодарение на посветената работа на Министерството за труд и социјална политика, имаме резултат вложување во раниот детски развој и политиките за намалување на детската сиромаштија за да се овозможи еднаква шанса за секое дете.

– Ајде целосно да се посветиме како регион, да ја искористиме енергијата што ја имаме и искуствата и заеднички да создадеме држави на благосостојба на кои сите заедно ќе бидеме горди, повика на конференцијата министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Вложуваме најмногу во децата, нагласи Заев и повтори дека главна цел на социјалната реформа што се прави во изминатите две години е инвестиција во луѓето и темелни општествени промени.

-Последните две години направивме социјална реформа што го менува начинот на кој се грижиме за најсиромашните и поставуваме нов стандард. Денес повеќе од 30 илјади домаќинства добиваат гарантиран приход и повеќе од 22 илјади деца добиваат детски додаток. Поставивме нов стандард во социјалната заштита, за услуги, за извлекување од сиромаштија на децата затоа што не смее да се пренесува сиромаштијата од генерација во генерација. Ќе видите дека и поставеноста на законите за детска и социјална заштита кои беа усвоени средината на годинава, покажуваат дека најголема инвестиција имаме во децата за да можеме тој потенцијал да го оствариме во нашата држава, рече Царовска.

За Марко Мантованели, претставник од Светска банка за нашата земја и за Косово, круцијално е политиките да ги поддржат ранливиот сектор од пополуацијата. Тоа не се само сиромашните, туку и оние, како што рече, на кои влијаат и шоковите кои се случуваат во здравството и во економијата.

– Политиките треба да бидат мултисекторски и со таргети, бидејќи ресурсите се лимитирани и затоа е важно политиките ефективно да ги досегнат најсиромашните, но и да обезбедат поголем дел од бенефициите за оваа популација, изјави Мантованели.

Прашана колкав е бројот на сиромашни во земјава, Царовска информира дека може да се каже оти 22 проценти со статистиката што ја имаме денес се сиромашни. Но, тоа се однесува за 2017 година, а податоците се издадени во 2019 година.

– Ние ќе можеме оваа реформа што се имплементираше годинава да ја премериме во 2021 година. Првите индикации кои ги разговараме со Светска банка и УНИЦЕФ за да направиме интерно ад хок мерење ќе може да ги видиме наредната година, изјави Царовска.

Очекуваме, истакна таа, дека апсолутната сиромаштија, ќе успееме да ја сведеме на еден процент, а релативната ќе ја намалиме за два до три проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот