Заев: Беџети го прашував за тоа дали некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет

Премиерот Заев се огласи својот профил на Фејсбук, откако денеска градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети изјави дека Државната комисија за спречување корупција покренала постапка против него, затоа што го одбил барањето на Заев „да влијае на членови на Судскиот совет за да биде сменет претседател на еден суд”.

Разговарам со сите градоначалници кога се работи за проблеми на општините и посебно проблеми кои ги загрижуваат граѓаните, а за кои може да помогне Владата,  а со градоначалникот на Сарај Блерим Беџети зборував и по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши.

Со градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, објаснува Заев, разговарав за проблемот за експанзија на дивоградби на Матка. Барав да се постапува по закон и низ институциите на системот. Тоа го бараат и граѓаните и тоа ќе го обезбедиме затоа што тоа е работа на јавните институции. Работа на градоначалникот е да работи во интерес на граѓаните, а не да брани дивоградби. Должност на секој е да работи и постапува исклучиво по закон. А, за работата на ДКСК судат токму тие кои ја плаќаат нивната работа, а тоа се граѓаните. Не е објективно за работата на ДКСК да судат тие против кои има предмети, додава премиерот.

Вистината за тоа што јас сум разговарал со Беџети како координатор на правниот тим на ДУИ, потенцира Заев, е следна: Сум зборувал за многу прашања кои се значајни за добивање датум на преговори со ЕУ. Сме зборувале за сѐ уште неизгласаниот закон за јавно обвинителство, за донесените закони за судови и судски совет, но и како да придонесеме донесените закони да се имплементираат, да профункционираат. Со него сум зборувал дека сите учесници во правосудните институции, а избрани во Парламентот, треба да бидат пример за другите учесници во правосудството и да носат одлуки, а не поради какви било изговори постојано да ги одложуваат одлуките.

„И денеска го повторувам ставот дека правната држава можеме да ја добиеме онаква каква што сите ја посакуваме единствено ако овозможиме слободно и независно да одлучуваат сите учесници во правосудството, без да им се прави притисок за суштината на нивните одлуки, но секако и без да им се дозволи или да им се прави притисок за одложување на одлуките. Беџети, политичарите и граѓаните добро знаат дека постојаното одложување на одлуките во судскиот совет, во врховниот суд, во апелационите судови како и во основните судови низ државата се една од најсериозните причини за бавното враќање на правната држава и делењето на правдата. Дополнително, со Беџети зборував и по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно“, стои во објавата на премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот