Заедничката цена за украинската слобода

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Ма, што не се предадоа Украинците уште првиот ден од руската окупација, ќе беше подобро за сите! Што им требаше, па уште и херојски, да си ја бранат татковината и сопствените огништа, кога Путин убаво им кажа дека не постојат и дека сѐ може да заврши со една пристојна 9-мајска парада во Москва! И сите ќе си имавме жито, нафта и гас по стари цени. Не знаеја ли дека сила Бога не моли?!

Така е тоа со секоја војна: кога ќе започнат, тие се во центарот на интересот на сите. Во првите денови и недели, медиумите известуваат со имиња и презимиња на жртвите и хероите, ги дознаваме нивните трагични или херојски стории во детали, за нив говорат нивни блиски и пријатели. Медиумските екипи стојат пред разрушените цивилни објекти и известуваат дека тоа биле некогашни градинки, болници и театри. Меѓународните хуманитарни акции се поименични: да се помогне операцијата на таа-и-таа личност во некој меѓународен центар за лекување или да се пронајдат родителите на некое конкретно расплакано дете од чии неутешни очиња течат солзите на целиот свет…

Потоа војната си продолжува и си тече со своите секојдневни ужасни последици. Судбините на поединечните жртви се заменуваат со безимени сумарни бројки и само понекогаш некоја исклучително трагична приказна нѐ потсетува дека зад секојдневните војувања секогаш стојат конкретни личности чии животи повеќе никогаш нема да бидат исти, доколку воопшто ги преживеале бомбардирањата и разорувањата на ужасната агресија. Повремено интересот го привлекуваат коментарите и експертите кои говорат за сумарните геополитички последици, за развојот на воените стратегии и за предвидувањата до кога и како би завршил конфликтот. Тука и таму по некоја изјава на политичарите ќе го привлече поширокото внимание, а колку што е попровокативна, толку подобро. Фронтовите се долги, борбите секојдневни. Воените пропаганди сѐ повеќе ја отежнуваат можноста да се сфати што, всушност, се случува на теренот на воиштата. Тамошната војна се сели на домашен терен, прво во непосредните окружувања на завојуваните страни, а потоа и низ земји со стотици и илјадници километри оддалечени од конфликтите. Цените растат, инфлацијата се зголемува, меѓународните санкции против агресорот даваат или не даваат резултат, во зависност од тоа на чија страна по социјалните мрежи ви се симпатиите.

По месец-два, секојдневните информации од воените жаришта веќе стануваат морничаво здодевни, јавноста е веќе уморна од лошите вести, не може да направи крупна разлика помеѓу агресорите и жртвите, а својата вознемиреност и почетниот интерес ги заменува со „бегање“ од информациите за таа војна за која веќе не можат и не сакаат да толкуваат кој е кој и што е што… И трагедијата на милионите раселени лица ја заменуваат бизарни, најчитани локални стории: некој Британец си ги оставил сопствената жена и двете деца вљубувајќи се во некоја убавица од 22 години, пребегана од воените ужаси, која ја примиле во својот дом… Ах, тие проклети бегалци, само го нарушуваат мирот и редот во земјите што ги примаат!

Во оваа фаза сега се наоѓа војната во Украина. По три месеци од агресијата на Русија и жестокиот украински отпор на кој, сосема неочекувано, наиде агресорот, уште не е јасно што сака(л) да постигне Путин и што треба да се случи на воиштата за војната да престане. Суштински преговори нема, освен за повремена размена на заробеници. На борбите и воените злосторства крајот не им се гледа, освен што е јасно дека последиците за завојуваните страни ќе се лекуваат со децении. Некои од штетите, особено на човечко рамниште, се ненадоместливи и непоправливи ни за генерациите што следуваат.

Европската и светската јавност настаните на украинските фронтови сѐ помалку ја интересираат. Напротив, домашните последици од таа војна се во центарот на преокупациите, а тие се разновидни и тешки. И ќе траат повеќе од предвидувањата.

Она што следува се внатрешно-политичките расправии и полемики дали властите добро се справиле со последиците од таа војна, дали можеле подобро да се подготват за нив и кој и како треба сега да ја плати цената за тоа што некому, таму, му текнало, баш сега, да го менува светскиот воен, економски и политички поредок. Како малку да имавме редовни домашни проблеми, уште тоа ни фалеше!

Ма, што не се предадоа Украинците уште првиот ден од руската окупација, ќе беше подобро за сите! Што им требаше, па уште и херојски, да си ја бранат татковината и сопствените огништа, кога Путин убаво им кажа дека не постојат и дека сѐ може да заврши со една пристојна 9-мајска парада во Москва! И сите ќе си имавме жито, нафта и гас по стари цени. Не знаеја ли дека сила Бога не моли?! Ќе гинеле до последниот Украинец за и против интересите на Америка и Русија… Пих!

Има многумина кои веруваат дека светот беше поубаво место за живеење кога си беше поделен на демократија и недемократија и кога се знаеја границите на тоа на кој светски центар „му припаѓаат“. Што има таму некакви 45 милиони Украинци да имаат различен став за сопствената судбина од три пати побројните 135 милиони Руси? Ќути и живеј!

Па, не е јасно и што сме запнале ние со Бугариве, кога се три-четири пати поголеми од нас?! Пак ли ќе се грееме на дрва зимово? И што е слободата, ако треба стомаците да ни се празни?! Запнале сите да имаат свои држави. ‘Бати демократијата ‘бати…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот