
Заедничка седница на владите на Косово и Македонија во Приштина
Во Приштина денеска ќе се одржи меѓувладина седница помеѓу владите на Македонија и Косово, на која ќе се потпишат меморандуми за соработка во три области.
Препорачано
Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.
Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан” и „Јажинце-Глобочица”. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.
Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.
Пред почетокот на седницата, од прес-службата на Владата соопштија дека ќе се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Владата на Косово, Албин Курти, како и тет-а-тет средби помеѓу министрите од двете Влади.
По потпишување на меморандумите, Мицкоски и Курти ќе одржат заедничка прес-конференција.