Заедничка изложба на Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ: Дамнешната повест одново составена низ нови слики

Заедничката изложба „Повеста на светот: Последно поглавје“ на уметничкиот тандем Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ беше поставена во Белград, а делата се создавани во изминативе десетина години, како резултат на заедничка соработка меѓу уметниците во живо и на далечина. Изложбата беше поставена во репрезентативната галерија на „Куќата на легатите“ во самиот центар на Белград, на препознатливата улица „Кнез Михајлова“. Со наслов „Повеста на светот: Последно поглавје“ оваа поставката е курирана од кустос Неда Тимофејев. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РС Македонија. Ова не е прва заедничка соработка меѓу двајцата докажани уметници со разнолик и богат професионален багаж зад себе. Покрај самостојните претставувања, кои години наназад ги имаат реализирано низ светот, македонската уметница Вана Урошевиќ и српскиот уметник Зоран Тодовиќ, досега како уметнички тандем имаат соработувано на повеќе уметнички проекти и изложувано во Националната галерија во Скопје, во МЦ галеријата во Њујорк, во галеријата „Центар“ во Подгорица, изложувале заедно и во Солун во Центарот за современа уметност…

Конкретно, со поставката „Повеста на светот: Последно поглавје“ оваа уметничка двојка го анимира просторот на галеријата во сеопфатна амбиентална целина, така што сето она што е тука слеано е заводливо и интригантно доживување. На проектот Вана и Зоран работат веќе подолго време, но во последната година работата на „другиот“ ја следат само преку современите дигитални средства на комуникација, така што едно целосно и конечно дело се создава низ делумно интуитивно спознавање на две творечки замисли, кои комплементарно се дополнуваат.

Поставката во Белград ја отвори професорот на Факултетот за ликовни уметности во Белград и ликовен критичар, Никола Шуица, кој рече: „Дејството на изобилството од минуциозни детали во сите циклуси и димензии од ’Повеста на светот: последно поглавје‘ наликува и на ониричен поттекст. Во нив, древната приказна, ликовниот спомен и библиската хроника за страста и преземањето се определува како алегорија на светот, на сето негово минато, на уметничкото наследство на човечкиот род, на прифатените митови запишани во хиерархијата на власта и на доминацијата. Со заедничкиот удел на двајцата автори тие елементи се изнаоѓаат скриени во нашето време и одново го создаваат новиот поредок за гледачот: тие ја повикуваат загатката на афектот и на љубовта, на посветеноста, но и ја откриваат заплетеноста во светот на постојаната измама, на кризата и на нестабилните исходи“.

Како предлошки за изложбата на авторите им послужиле делата на многумина, денес, безимени творци. Пред сѐ, оние што, на почетокот од XVI век, ги дале нацртите за серијата таписерии на тема – библиската приказна за Давид и Витсавеја. Потоа, многубројни уметници, кои, во текот на вековите, ги илустрирале книгите за алхемија и чии што насликани симболи станале составен дел од зашифрираните упатства за изведување на таинствениот процес во алхемичарската печка – атанор. Во извесен број дела се појавува и пеколниот круг од „Искушенијата на свети Антониј“ на Мартин Шенгауер.

– Избраниот и преобразен ликовен фундус на знаци и облици го префрливме во единствен ликовен материјал (рачно боена свила), подложувајќи го на интервенции (цртежи со туш, вез врз свилена основа), како и на современи технолошки постапки (дигитален печат). Линии, облици, претстави патуваат низ времето. Тие пристигаат до нас, на многу од нив забораваме, некои остануваат запаметени засекогаш. Тие искршоци на меморијата нѐ следат насекаде: понекогаш ќе заблескаат со нов сјај, понекогаш ќе почувствуваме како отсекогаш да сме ги носеле во себе. Сите тие се остатоци од некоја дамнешна, голема, сеопфатна целина која повеќе ја нема. Во рацете држиме само некои мали, одвај разбирливи парчиња: многу нешта недостасуваат. Сепак, има мигови, кога сеќавањата на цел тој сплет од видени и запаметени нешта се надоврзуваат, сродностите се соединуваат. Деловите од сликите за кои се сеќаваме се како зборови: некогаш се соединуваат во реченици, во цели приказни. Во нас тие се составуваат во некои нови целини, според некој поинаков ред, и дамнешната повест станува нешто друго – тоа е сега една нова слика, смислата се менува, значењата се проникнуваат според некои други закони. Минатото е предел без патокази низ кој нашето сеќавање се обидува да го најде својот пат – да го состави одново растурениот свет – велат уметниците.

Елементите на проектот ги сочинуваат: дела реализирани со постапка на боена и сликана свила, колажирана, везена и печатена, свилени барелјефи, како и делови од цртежи транспонирани во меки скулптури. Делата се прицврстени со невидливи нишки, како да лебдат во просторот, при што проѕирноста на материјалот прави игрива илузија, која прилега на своевиден театар на сенки. Гледачот се движи низ „шума од симболи“, што создава впечаток на мешање на времиња и простори во една нова, досега недоживеана претстава.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 79, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот