Заедничка историја – за посилните

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Во последните години во рамките на ЕУ често се заговара дека заедничко образование по историја треба да ги надмине националните граници. Но не во онаа смисла што некои се обидуваат да ја промовираат, дека „заедничкиот“ историски наратив пред сè треба да го диктираат посилните.

Заедничка историја на Европа. Можно ли е такво нешто? И како во такви рамки би се вклопило она што се заговара како заедничка историја на Бугарија и Македонија? Во Европа предметот историја бил често обележан од националистички наративи што создавале разидувања и конфликти. Примери за тоа има многу, така што се чини и не вреди да се посочува нешто посебно, некој особено значаен пример во тој контекст. Сенката на срамот што обично ги следи таквите дискусии за непомирливи судири на мислења меѓу минатото и сегашноста, обично се дополнуваат со често повторуваната преџвакана девиза – нација што го заборава своето минато, нема иднина.

Грубо наметнување на национален историски наратив на „посилниот“ е тоа што упорно им се поттурнува како кукавичино јајце на Македонците во преговорите со соседите Бугари, само за да се одобри стартот за преговорите за членство во ЕУ. А тоа се продава токму на начинот што се означува како „француски“ предлог, избалансиран со цел да се издигне на ниво со повисок статус, бидејќи наратив за заедничка историја би можел, значи, да биде и „европска“ цел, а не само повод за меѓусебно вадење очи.

Зависно на каков начин се продава таквата приказна, така и нејзината цена се менува според принципот на привремено вжештена побарувачка, или, пак, драстично намалување на вредноста во услови на галопирачка инфлација на најразновидни, сомнително инвентивни идеи.

Во исто време, критериумите од Копенхаген, како што досега повеќепати се уверивме, стануваат сè помалку интересни кога на преговарачката маса пред сè треба да се утврдат заедничките допирни историски точки, што ќе ја одредат „нашата“ заедничка европска иднина. Иако, се разбира, тоа повеќе наликува на продавање магла отколку примена на критериуми што создаваат претпоставки за развој на модерно општество, растоварено од историските предрасуди и темни страни од историјата што некои народи ги влечат зад себе како опашки на срамот и свесно заземање погрешна страна во клучни историски моменти.

Во последните години во рамките на ЕУ често се заговара дека заедничко образование по историја треба да ги надмине националните граници. Но, не во онаа смисла што некои се обидуваат да ја промовираат, дека „заедничкиот“ историски наратив пред сè треба да го диктираат посилните.

Еден нов меѓународен проект, насочен кон наставници по историја во цела Европа, наместо таков пристап, што се потпира врз националистички тврдокорни ставови, има за цел да издигне значењето на процесите што го одредуваат јадрото на заедничката историја. И тоа не само меѓу две соседни држави, туку и во пошироки рамки.

Нема никакво сомнение дека историјата може да се користи како силна и деструктивна политичка алатка,  што стана посебно очигледно во текот на руската инвазија на Украина. Или кога се во прашање бугарските етнонационални историски фантазмагории, со кои се блокираат европските интеграции и иднината на ЕУ, во чиј двор не треба или, подобро речено, не требаше да се дозволи повторување на најмрачните страни на европската историја.

Познати се повеќе примери во Европа околу напорите што се правени за популаризација на учебници по заедничка историја. Во 2007 година излезе од печат француско-германски учебник по историја по Втората светска војна. Целата на тој проект е да се надминат старите непријателства токму преку пишување заедничка историја. Десетина историчари, по петмина од двете земи во заедничка комисија, успеале да се согласат за околу 80 отсто од текстот. Не во потполност, бидејќи во однос на погледите околу улогата на САД и Источна Германија, ДДР, останале да важат позициите и ставовите на двете национални историографии. Но, успехот е сепак маркантен. 80 отсто иста содржина на учебниците во двете земји. Иста содржина, но не и наметнување на „непроменливи историски вистини“ во полза на едните, а на штета на другите. Пишување таков заеднички учебник би бил невозможна мисија меѓу две европски нации со заедничка историја натопена со крв.

Еден друг интересен обид во иста насока беше иницијативата за објавување заеднички полско-германски учебник по историја за основните училишта, со кој би требало да се разјаснат старите спорни прашања како, на пример, дали Коперник бил Германец или Полјак. Или, пак, дали регионот Шлезија во основа е полски или германски. Тоа беше добар повод, како што беше оценето, да се дискутира за заедничката историја без стереотипи и искривувања.

Целта, пак, на споменатиот европски проект што е во тек, под водство на шпанскиот универзитет во Мурсија, е да се создаде отворена веб-страница со образовни планови, вежби, научни извори и процени наменети за наставници по историја од цела Европа. Целта е и да се зголемат претпоставките за самостојно правење споредби, извлекување поуки и можности за ставање на историските настани во соодветен контекст. Потребно е да се разбере дека за луѓето во историјата не можат да се суди според моралните вреднувања на нашето време, туку дека историските личности имале ограничени можности да дејствуваат во она време и општествен контекст во кој живееле.

Историската улога на Гоце Делчев е неодвоива од условите во времето во кое тој живеел и дејствувал. Бугарската историографија едноставно не може да го толкува тоа преку вртење вода на своја воденица. Како воопшто можат преку наследството од епохата на цар Самоил од пред илјада години да се мерат остварените успеси или неуспеси на Македонија на патот кон ЕУ? Тоа е чист нонсенс. Но, би било можеби интересно да се види за што би можеле да се согласат бугарски историчари, доколку би се пишувал заеднички бугарско-македонски учебник по историја по Втората светска војна.

Проектите за пишување заедничка историја главно се замислени како поттик да се мисли на нов начин. Во крајна линија, станува збор за градење мостови меѓу европските граѓани на иднината. Што се однесува до Бугарија, таа засега несомнено успешно се промовира само како рушител на таквите евроинтегративни премостувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот