Задолжителната вакцинација е уставна

Фото: Профимедиа

Уставниот суд во 2014 и 2016 година разгледувал пет иницијативи кои во суштина се исти и се однесуваат на тоа дека задолжителната вакцинација е во спротивност со Уставот. Во сите случаи тој донел иста одлука, дека задолжителната вакцинација во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение во однос на одредбите од Уставот, особено одредбите според кои граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.

Оваа тема повторно се отвора, бидејќи од утре почнува задолжителната вакцинација со МРП вакцината во основните училишта откако во вторникот беше прогласена епидемија на територијата на целата држава.

„Од наведеното, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите, не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Во врска со тоа, заради обезбедување на наведеното право, според мислењето на Судот, уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Република Македонија.

Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Оттука, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Судот оцени дека оправдано е на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите“, се вели во одлуката на Судот.

Според Судот, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

„Условувањето на упис на детето во основно училиште предвидено со член 46 став 2 од Законот за основното образование, со приложување на доказ за извршена вакцинација, според Судот, не претставува дискриминација, на што се укажува во иницијативата, од причини што ова претставува само еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би го повредиле правото на здравје на своето дете и на другите деца кои одат во истото училиште“, се вели во објаснувањето на Уставен суд.

Од наведеното, според Судот, не може да се смета дека на невакцинираните деца од предучилишна  и основно-училишна возраст неоправдано им е ограничено правото на образование поради невакцинација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот