Задолжителна вакцинација за сите Италијанци над 50 години

Вакцинација против ковид-19 во Италија
Вакцинација против ковид-19 / Фото: EPA-EFE/DANIEL DAL ZENNARO

Во Италија денеска стапи на сила задолжителната вакцинација против коронавирус за Италијанците над 50-годишна возраст.

Оние кои не се вакцинирани, тоа може да го сторат до крајот на јануари.

Од 1 февруари, оние кои не се вакцинирале, примиле втора доза или „бустер” доза, и покрај можноста да го сторат тоа, ќе бидат казнети со 100 евра.

Мерката ќе биде на сила до 15 јуни и ќе важи за сите жители на возраст над 50 години, вклучително и странски државјани.

Од 15 февруари оваа возрасна група на работа ќе треба да покаже потврда за вакцинација или за прележаност на болеста, а без тој сертификат ќе бидат принудени да работат од далечина.

Вработените помлади од 50 години може да покажат негативен тест за коронавирус. Оние кои ќе ги прекршат мерките се соочуваат со казни од 600 до 1.500 евра.

Воведувањето задолжителна вакцинација на постарите граѓани предизвика поделени реакции во земјата. Многу од владејачките партии ја поздравија мерката, за која премиерот Марио Драги тврди дека е осмислена за да ја заштити возрасната група која е изложена на поголем ризик од хоспитализација по зараза со Ковид-19.

Бепе Грило, основач на Движењето пет ѕвезди, најголемата парламентарна група во Италија, рече дека „владината контрола се повикала на орвеловски сцени кои ги оптоваруваат човечките умови”.

Во саботното издание на „Ла Република”, претседателот на регионот Лигурија, Џовани Тоти вели дека мерката треба да ги опфати сите возрасни лица.

Видео на денот