„Зад стоговите сено” – филм кој ја потврдува грчко-македонската културна соработка

Работна фотографија од снимањето на филмот „Зад стоговите сено“

Изнаоѓање на една заедничка нишка и зближување на народи кои живеат на различни територии, како и продлабочување на соработката е идејата на најновиот филм „Зад сноповите сено”, кој е во грчко-германско-македонско копродукција. Најголемиот дел од овој филм се снимаше во јануари во Грција, а деновиве се снимаше и на локациите во Дојран и Гевгелија. Филмот преку неверојатна приказна го отсликува секојдневието и животното искуство на двата народа од двете страни на границата, во 2015 година.

Филмот е во режија на Асимина Проедроу од Грција. Ова е нејзин прв долгометражен филм. Главниот продуцент на филмот е продуцентската куќа „Argonauts Production”, а копродуценти покрај Сектор Филм од Скопје, се и „Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR” од Германија. Филмот има фрагментирана структура.

Во поглед на тематиката, станува збор за едно семејство кое што е од другата страна на границата. Во самото дејствие се прикажува нивниот живот, но и движењето на луѓето од двете страни, како и нивниот соживот. Претставен е преку ликот на таткото, ликот на мајката и ликот на ќерката.

Екипата на МИА присустуваше на последниот ден од снимањето на филмските сцени во Дојран. Најпрвин пристигнавме во ресторанот Гранико во Дојран, едно од местата каде што се снимаа сцените од овој филм.

Таму се запознавме со грчките актери, но разговаравме и со Нино Леви и Предраг Павловски, нашите актери кои учествуваа во овој филм.

И двајцата актери беа задоволни од начинот на кој што се одвиваше снимањето на филмот. Нино Леви глуми лик кој е сопственик на ресторан.

Тој во изјава за МИА посочи дека овој филм како дел од уметноста, ги зближува народите и прави да се чувствуваме сите многу покомотно и поубаво.

-Ова ми е многу ќеиф што го работам сега, ги проширува хоризонтите, ги зближува на некој начин народите и по ова гледаме дека уметноста, односно филмот како дел од уметноста, ги зближува народите и прави да се чувствуваме сите многу покомотно и поубаво. Одлично е чувството, одлична соработка да се работи со Сектор филм, немаме никакви пречки, супер е соработката, изјави актерот.

Нино Леви не го глуми носечкиот лик во филмот, но сепак очекува филмот да биде солиден и секако, да биде гледан не само од Грците или од нас, туку и пошироко бидејќи како што рече, се работи за универзална тема.

-За жал јас не сум многу инволвиран во филмот, но очекувам со оглед на тоа дека се работи за една солидна и професионална екипа ќе излезе солиден и добар филм, кој ќе биде гледлив. Секако ќе биде интересен за нас, за Грците па и за пошироко, додаде тој.

Со оглед на тоа што уште живееме во време на пандемија, го прашавме како се одвива актерството во овој период, како се снаоѓаат преку новите протоколи и ограничувања да им ја доближат уметноста на јавноста.

-Актерството за време на пандемија се одвива многу тешко. Не уништи ова, јас сум театарски глумец и немаме претстави, немаме репертоар. Се надевам дека сега од март ќе почнеме пак да работиме. Тешко е во пандемија, губиш некој континуитет, но овие проекти се добредојдени за да се одржи таа наша кондиција, додаде актерот.

Откако го завршивме разговорот со Нино Леви, одлучивме да поразговараме и со нашиот актер Предраг Павловски, кој во филмот ја игра улогата на цариник, на граничниот премин.

Според продуцентите, настанатата ситуација со Ковид-19 на некој начин го олесни организирањето на целото снимање, бидејќи граничниот премин тогаш беше затворен.

Конкретно, улогата на Павловски во овој филм е мала, има неколку сцени и со главниот артист. Сепак, тој ни сподели едно пријатно и позитивно искуство, посочувајќи дека се работи за една убава и здрава продукција.

-Драго ми е што учествувам во една ваква меѓународна соработка, еден филм во кој учествуваат повеќе држави. За нас како артисти е секогаш интересно кога играш со некој артист кој не е од твојата земја, кој има сосема некој друг начин на размислување и на видување на работи. И добро е тоа што континуирано се вмрежуваме и работиме, и е доста пријатно искуство, изјави Павловски за МИА.

Според него, последниве години снимањето во нашата држава се одвива на едно релативно високо ниво, во поглед на организацијата, но и на целата продукција. Сепак, посочи дека работите се изменија за време на пандемијата, но се прават напори театарот да заживее и да се работи нормално.

Можевме да забележиме дека организацијата на снимањето во Дојран се одвиваше на едно солидно и професионално ниво. На филмскиот сет беа присутни и продуцентите од Сектор Филм, Владимир Анастасов и Ангела Несторовска. Тие беа задолжени за ефективна и непречена организација на снимањето.

Несторовска во изјава за МИА, ни објасни дека најголемот дел од снимањето се одвиваше на територија во Грција, а помал дел во нашата држава. Според препораките за работа во ковид условите, плановите за снимање на филмот беа делумно изменети. Како што посочи, беше направена одредена редукција во времетраењето и локациите на снимањето.

На снимањето во Дојран можевме да забележиме дека двајца актери од Грција не беа присутни, за што како што рече Несторовска, морале да најдат соодветна замена односно т.е. дублери.

– Тие не беа во можност да присуствуваат на снимањето, бидејќи протоколите во Грција покрај ПЦР тестовите, пропишуваат и задолжителна изолација, која ги спречи да дојдат заради нивните тековни професионални и приватни ангажмани. Но, снимањето на филм е жива материја, па непредвидените промени не се нешто невообичаено, додаде Несторовска.

Продуцентката изјави дека е посебно горда затоа што во овој филм, како и останатиот дел од екипата, така и актерскиот дел беше во мешан состав.

Таа во изјава за МИА, посочи дека би сакала да снимаат подолг период на локациите во Дојран за да може подобро да ги запознае актерите и екипата.

– Посакувам да имавме можност за подолг престој во Дојран. Но, за жал, предвиден е многу краток период за снимање на филмот. Се запознав со Ангела и Владимир од Сектор филм и конекцијата веднаш се воспостави, со оглед на тоа дека работиме иста професија и делиме слични искуства. Засега сѐ се одвива совршено, сѐ е во најдобар ред. Соработката меѓу екипите е одлична, додаде Папада.

На снимањето на одредени сцени од филмот во ресторанот Гранико присуствуваше и директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, а за време на паузата пристигна и грчкиот конзул, Ахилес Ракинас.

Директорот на Агенцијата за филм изјави дека оваа соработка со Грција претставува размена на искуства меѓу две филмски екипи, на две територии, отсликувајќи ги двата народа преку создавањето на најголемото достигнување – филмско дело.

Тој посочи оти се надева дека оваа соработка меѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење.

Според грчкиот конзул Ракинас, еден ваков проект е од големо значење за двете земји. Тој појасни оти е љубител на филмот и верува дека филмот ќе остави белег.

-Љубител сум на филмот, ја следам продукцијата од целиот регион, се чувствуваат успесите, затоа верувам дека и овој филм ќе остави белег. Се надевам на идни соработки во секоја област не само во филмот, рече Ракинас.

Очекуваме до крајот на годината филмот да биде комплетно завршен и да доживее премиера.

Организацијата на снимање беше променета во одредени сегменти, но сепак според продукцијата, успешно беше комплетирано целокупното снимање во Дојран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот