Зад секоја успешна жена ќе стои – жена!

Ако ништо, оваа прилично забавна претседателска кампања покажува дека Македонија веќе достигнала максимална родова рамноправност и дека жените, на овој или на оној начин, веќе доминираат во македонската политика.

ВМРО-ДПМНЕ прв пат има претседателски кандидат жена. Кандидатка. Која ни вети дека ако победи на изборите, целиот претседателски кабинет ќе биде составен од жени. Нешто како харем.

Па каде е тука родовата рамноправност, ќе праша некој. Не може ли меѓу толку жени барем еден маж да се замеша? Но ајде, да не претеруваме сега, Гордана Силјановска – Давкова, малку несмасно додуша, се обидува да поентира.

И Стево Пендаровски ја третира истата тема. На свој начин.

Прво се појави неговата симпатична сопруга, за да ни објасни дека нејзиниот Стево е столб на семејството, па според тоа, ќе биде и столб на државата. Штом тоа го кажува сопругата – а сопругите, нели, стојат зад секој успешен маж – тогаш треба да ѝ се верува.

Ни се причини дека Пендаровски малку ја утна работата кога на телевизија се пофали дека откако почнал да се занимава со политика, преку ноќ им станал поубав на девојките. Тоа било во 1996 година, кога прв пат се појавил на телевизија (пак таа кобна телевизија!).

„За жал, тогаш нагло станав популарен кај девојките!“, објасни Пендаровски. Хммм… Зошто за жал?

Чекајте, чекајте… Не го проверив контекстот, ама и вака на непроверено, мислам дека ова мора да е извлечено од контекстот, кој се претпоставува. Како невиност. Презумпција на невиност. Да, човекот станал популарен кај девојките, но останал столб на семејството, цврст и постојан, како клисурине… Баш за жал!

Како и да е, жените се главни во политикава. Да не заборавиме на 21 септември!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот