Зад лажните наградни игри се кријат крадци на лични податоци

Фото: Фејсбук

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци советуваат граѓаните да бидат исклучително внимателни при откривањето на своите лични податоци на интернет, затоа што постои зголемен ризик да бидат злоупотребени за други незаконски цели.

Честитки! Вие сте еден од 100-те корисници што ги избравме за да добие шанса да освои „ајфон“, „самсунг галакси С10“ или „ајпад“. Дали сте подготвени да добиете подарок автомобил од соништата од „Шкода“. На почетокот на оваа година нашата компанија повторно ќе донира и ќе подели награди од три автомобили од „Шкода“ на три среќни семејства… следете ги следните инструкции.

Ова се само дел од низата лажни наградни игри, кои преку социјалните мрежи се објавуваат во земјава. И во минатото се случувало во име на големи компании да се објавуваат неточни информации за наводни наградни игри, а учеството во лажните наградни игри носи ризик од злоупотреба на личните податоци на учесниците, велат упатените во оваа проблематика.

Граѓаните треба да бидат многу внимателни, особено кога ќе добија некаква интересна понуда за финансиска добивка, и добро да размислат пред да одговорат на пораката, да кликнат „лајк“ или да ја споделат, советуваат експертите.

Деновиве непозната интернет-страница, која лажно настапува од името на македонската компанија „Макпетрол“, испраќа пораки до корисниците и бара од нив да ги препратат до пет онлајн групи во кои членуваат или до 20 свои пријатели за да се „квалификуваат“ во наградната игра на компанијата.

„Макпетрол“ ги информираше граѓаните дека е во прашање измама што може да ја загрози безбедноста на корисниците, нивните електронски уреди, личните податоци, но и тие на кои пораките евентуално би им биле препратени.

– Единствени официјални и активни интернет-страници на компанијата се www.makpetrol.com.mk и www.verna.mk. „Макпетрол Ultra“ е официјален профил на Фејсбук. Традиционално, „Макпетрол“ секоја година ја организира наградната игра „Верна“ и таа се спроведува според сите законски нормативи и процедури. Подвлекуваме дека граѓаните треба да бидат особено внимателни, бидејќи сите пораки што наликуваат на наведените веб-страници се лажни и на никој начин не се поврзани со „Макпетрол“ – истакнуваат од компанијата.

Од полицијата велат дека во Северна Македонија во изминатиот период многу граѓани се потенцијални жртви на измама.

– Апелираме граѓаните да бидат внимателни и да не ги доставуваат своите лични податоци преку интернет на непознати или недоволно познати лица без да проверат дали објавената информација за наградна игра е точна. Во вакви случаи најчесто се користат техники на компјутерски базиран социјален инженеринг како што се „фишинг“ и „фарминг“. Овие облици на измама опфаќаат збир активности од неовластени испраќачи, преку користење лажни пораки од е-пошта (phishing), или користење лажни веб-страници (pharming), или користење лажни профили на социјалните мрежи, притоа обидувајќи се од корисниците да добијат доверливи лични податоци – велат од полицијата во одговор до „Слободен печат“.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност на МВР во изминатиот период евидентирал зголемен број лажни наградни игри на интернет.

Со отворањето лажни профили, именувани како некоја позната компанија од земјата, тврдат од МВР, со користење на нивните логоа и брендови, се прават објави дека поради одреден повод (роденден на компанијата и сл.) се организира наградна игра, со разни подароци за среќните добитници, како, на пример, вредносни ваучери, мобилни телефони и сл.

– Во објавите се бара од граѓаните доколку сакаат да учествуваат во овие (лажни) наградни игри, да стиснат допаѓање („лајк“) на страницата и на конкретната објава, во коментар да напишат „учествувам“, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се рашири лажната наградна игра – појаснуваат од МВР.

Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда и за нејзино подигање, потребно е да ги дадат своите лични податоци, да испратат слика од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта.

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци советуваат граѓаните да бидат исклучително внимателни при откривањето на своите лични податоци на интернет, затоа што постои зголемен ризик да бидат злоупотребени за други незаконски цели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот