Забраната за плаќање во кеш поголем од 500 евра донесе големи нервози

Од 1 јуни годинава со закон е забрането плаќање стоки и услуги во готовина за износ што е поголем од 500 евра во денарска противвредност. Ова, пак, како што велат трговците, негативно влијае врз нивниот промет и им предизвикува низа непријатни ситуации со нервозните купувачи.

Најмногу проблеми се јавуваат во продавниците за мебел, за бела техника и за слични поскапи производи.

Во продавниците за мебел велат дека кај нив ретко се прави промет помал од 500 евра.

– Секојдневно се бориме со засегнати муштерии. Има едуцирани и знаат дека не смееме да примаме кеш поголем од 30.000 денари, но има и такви што ќе ни стават пари на маса и ништо не ги интересира. Во денешно време не сме во ситуација да одбиваме муштерии. И што да правиме тогаш? – вели раководителот на еден салон за мебел.

Гастарбајтерите купуваат нов мебел, но…

Во продавниците за мебел би биле задоволни доколку прагот за плаќање во кеш се подигне барем на 1.000 евра.

– Една гарнитура е обично околу 40.000 денари. Добро би било да се дозволи во кеш да се плати подновување на домот. Многумина што доаѓаат од дијаспората, купуваат мебел и тие обично доаѓаат со пари – објаснуваат продавачите на мебел.

Со вакви проблеми се соочуваат и во продавниците за бела техника.

– Еден поубав телевизор чини повеќе од 30.000 денари. Многупати ни доаѓаат граѓани со купче пари во рака, а ние не смееме да го примиме. Забележавме дека постарите луѓе обично си доаѓаат, како што велат, со заштедата од пензија нешто да си купат. Тие имаат повеќе навика да одвојуваат по илјадарка или две настрана. Им објаснуваме дека парите мора да ги уфрлат на сметка, па потоа да дојдат да платат со картичка. Но многумина ни велат дека немаат платежни картички – ги објаснуваат продавачите проблемите со кои се соочуваат.

Снаодливи трговци

Во продавниците ни откриваат и какви „финти“ им текнуваат за да го избегнат лимитот од 30.000 денари.

– Законот забранува последователни трансакции што се очигледно поврзани. Односно, ние ќе го прекршиме законот и ако на еден ист човек му издадеме две или три фактури, на пример по 20.000 денари, со што ќе овозможиме трите трансакции да се извршат во кеш. Сепак, некои тоа го прават, како помал ризик во однос на очигледната кеш трансакција во повисок износ од дозволениот. Но некои ќе дојдат со свој роднина, па на пример, една гарнитура од 30.000 денари ќе се фактурира на еден човек, а друго парче мебел ќе се фактурира на друг човек – објаснуваат продавачите како се снаоѓаат за да не ги одбијат муштериите.

Со законски измени се бараат кеш-трансакции до 3.000 евра

В среда, на дневен ред во Собранието е Предлог-закон за изменување на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со кој се предлага износот од 500 евра во денарска противвредност како највисок за плаќање со готовина на стоки и услуги во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, да се зголеми на 3.000 евра во денарска противвредност.

„Заради ограничувачкиот законски износ во многу секојдневни ситуации со кои се судираат граѓаните, потребна е предметна измена на законот и нејзино усогласување со правните прописи за вршење готовински плаќања со земјите од Европската Унија какви што се: Белгија, Италија, Унгарија, Чешка, Полска, Латвија, Словенија и други“, пишува во образложението на предложената законска измена.

Предлогот е поднесен од пратениците од ДУИ – Ејуп Алими, Реџаиљ Исмаили, Агим Шаќири, од СДСМ- Александар Филиповски и Агим Муртезанов, како и од  Мирослав Јовановиќ од Српска странка во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот