Забраната за јавни собири и настани приземји 80 продукциски компании

Неформалното Здружение на микро, мали и средни компании, кои се директно или индиректно вклучени во индустријата во областите, како: организација и реализација на настани, тв и филмски продукции, помошни услужни дејности во уметноста за покривање на настани – осветлување, изнајмување на аудио/видео опрема, на прес-конференција одржана кај фонтаната во Градски парк на 3 април испрати Барање за итни мерки за поддршка на претпријатијата од овие дејности погодени од состојбата со коронавирусот до Владата на Република Северна Македонија, односно до Кабинетот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

– Со нашето не работење, директно или индиректно се засегнати голем број на уметници од различни профили – актери, музичари, фотографи, сликари, дизајнери, костимографи, сценографи, светло-мајстори, како и кастинг-агенции, печатници, кетеринг-служби, агенции за обезбедување, програмери, техничари, енергетичари, превозници, бравари, столари, и многу други.

Ние сме оние невидливи, но вредни работници без кои не би било возможно да се органиизра било кој настан. Ние сме и оние кои стојат зад видео-реализацијата и преносите во живо од настаните, креаторите и изведувачите на бројни телевизиски емисии, реклами и др. Сите концерти, митинзи, конгреси, кампањи, манифестации, корпоративни настани, хуманитарни настани, државни прослави, саеми… не би биле возможни без нас и постоењето на нашата индустрија.

Бидејќи сме гранки од областите кои ви ги посочивме, забраната за јавни собири како прва воведена мерка (пред воедувањето на вонредната состојба) значеше и целосна забрана за работа и делување. Нашите компании не бележат пад на приходите, ние едноставно сме оставени без било каков приход на нашите сметки.

Без намера да ја игнорираме тежината на последиците со кои се соочуваат другите гранки и индустрии, ние сме едни од ретките сектори кај кои бизнисот им беше целосно прекинат преку ноќ. Нашиот бизнис практично не постои сè додека постои уредба за забрана за јавни собири, а исто така забележуваме дека откако ќе заврши пандемијата, ќе биде потребно уште некое време пред да се дозволат јавните собири, додека, на пример, веднаш по завршувањето на кризата тоа нема да важи за превозниците, за угостителите или, пак, трговијата. Сакаме уште еднаш да истакнеме, дека нашата професија беше една од прво засегнатите уште кон крајот на февруари, а ќе ѝ треба најдолго време да се врати во нормалниот работен тек.

Свесни сме дека нашето приземјување е заради виша сила и поради тоа бараме истото да не се игнорира.

Неформалното Здружение на компании ги предлага следните мерки со кои би ни се олеснило да го поминеме овој за нас исклучително тежок период:

  1. Субвенционирање на минимална бруто плата за сите вработени до завршувањето на кризата, односно до укинувањето на забраната за јавни собири
  2. Одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните 6 месеци, односно додека не заврши пандемијата и рестартирање на пазарот
  3. Мораториум на обврска по кредити и заеми сè до завршувањето на кризата, односно до укинувањето на забраната за јавни собири
  4. Овозможување за користење на субвенционирани бескаматни кредитни линии

Принципот на одлучување по сите 4 точки да биде за сите подеднакво, а никако по принципот прв дојден, прв услужен.

Со оглед на ситуцијата и препораките за социјално дистанцирање, во следниот период состанок нема да биде можен, но отворени сме за сите форми на онлајн-средба на која заеднички би ги разгледале нашите барања со цел изнаоѓање на прифатлив став по однос на истите.

Доколку не ги прифатите нашите барања и тоа во најкраток можен рок, ќе бидеме приморани да ги отпуштиме нашите вработени и да ги затвориме компаниите. Без нас и без нашата поддршка кон настаните, Република Северна Македонија ќе остане тивко место и по завршувањето на пандемијата, стои во барањето на здружението.

Неформалното здружение го сочинуваат агенции за организирање на настани – концерти, манифестации, конференции, саеми, конгреси, промоции, корпоративни настани и компании ангажирани во изнајмување, монтажа и продажба на опрема за настани (изнајмување – аудио, видео, опрема за осветлување, ИТ-опрема, саемска опрема, конференциска опрема, шатори и друго), како и видеопродукции кои се ангажирани во продукцијата, како продуценти, автори, монтажери, графички дизајнери. Ова неформално здружение во моментов брои близу 80 компании кои вработуваат повеќе од 400 вработени, иако реалната бројка е тројно поголема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот