Заблудите на балканските монструми

Многу авторитети низ историјата, а таа тоа го помни, во своите стратегии за извишување во врвовите на власта и моќта, национализмот го вградувале како стожерен аргумент. На тој илузионистички проект се лепеле многу нивни следбеници, а масовноста ја овозможувале лабилците од категоријата на простосмртните. Од таканаречениот плебс, кој не така ретко е во состојба да им се спротивстави на стихијностите. Трагикум што во илјади случаи се репризирал со сите апокалиптични последици. Војни, буни, разгроми, помори, селидби…

Разорните ефекти од национализмите како идеолошки артикл, за чудо, не ги отрезнил мислечките центри и на многу наши актери од современата политичка сцена. И во ова време на планетарната цивилизираност, тие тој патолошки продукт го користат како значајна, та дури и стожерна алатка за замајување и манипулирање на граѓанинот, без притоа да се согледаат димензиите на последиците од тие илузионизми за државни мегаломанштини, за прекројување на граници, за иреалните, та дури и натприродни белези на заблудените следбеници, исцртувајќи им уникатен етнопрофил.

Времето минато не еднаш осведочило дека примитивизмите се најповолната супстанца за фабрикување на дефектни идеолошки рецептури, со шмек на болен национализам и шовинизам. Таа фаза, очигледно, на овој балкански жабокречен терен не е надмината. Тоа, во полн сјај го видовме и во сцените од предизборниот театар зад штотуку спуштената завеса.

Од меридијаните со понапредната цивилизираност, за наша трагедија, сė уште не перцепираат во улога на ембрион, кој се прпелка во плазмата на немоќта да закрепне, да порасне, да прооди, да проговори, да созрее, да почне логично да мисли, додека некои типови непрекинато ни исцртуваат визии на мегаломанштини. Живот во свет на симболи. Визии од платформи за виртуелни државни мегаломанштини, проекти за хегемонизми, кои времето и модерните цивилизации ги имаат од поодамна погребано на буништата на историјата, архивирани како отпаден материјал на цивилизацискиот примитивизам.

Ние, поточно некои од нас, вкопани во рововите на племенската задременост, продолжуваме да војуваме со симболите, позајмени од животинскиот свет – разбеснети лавови, разгневени двоглави орли. Заробени во таа менаџерија, не може ни да го следиме чекорот на другите светови.

Кој уште блуден син може да верува во нови кројки на државната омеѓеност. Колкава треба да е менталната забеганост за да проектираш нови гранични хоризонти. Да лиферуваш географски карти во кои својата минорност ја мултиплицираш до степен на ступидност. Да живееш со помрачени проекти за запоседнување на туѓи простори. За менување на цивилизацискиот, историскиот и фолклорниот колорит на простор во кој генерации го втиснувале сопствениот етнознак. Генетскиот белег.

Треба, дефинитивно, со мечот на современите цивилизациски вредности, да се удрат по прсти оние балкански монструми, кои изигруваат улога на картографи и режираат милитантни проекти за нови просторни делби. Во секој случај, тие не се во состојба да ги согледаат апокалиптичните размери на трагедиите од нивните волунтаристички потези на балканската политичка табла. Кои секако не се според стандардите на нормалноста. За жал, некои од нив ние ги етикетираме како лидери, а е толку видливо дека чекорот зад нив, зад тој фелеричен човечки продукт, неизбежно води во понор.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот