За згрижувачките семејства мајка, за биолошките маќеа!?

На училиште во време на ковид. / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Центрите за социјална работа им ги одземаат децата на семејства што се премногу сиромашни за да се грижат за нив, а потоа ги доделуваат на згрижувачки семејства, кои за тоа земаат буквално „цела плата“.

Доколку, пак, биолошките родители на истите деца побараат финансиска помош од државата, добиваат дури десетпати помал детски додаток. Упатените велат дека оваа социјална политика нема логика, дека буквално ги „тера“ децата надвор од нивните семејства, а може дури и да поттикне трговија со деца.

Згрижувачките семејства Македонија добиваат 13.847 денари за едно дете, 24.010 денари за две деца, за три деца 32.301 денари. За 4 деца износот е 39.512 денари, а за 5 дури 46.040 денари месечно. За дете со попреченост згрижувачките семејства добиваат 16.219 денари месечно, а за две деца со попреченост 28.172 денари.

Во Скопје во моментов има 193 дечиња кои живеат во згрижувачки семејства. Од нив 15 проценти се одземени од биолошките родители поради сиромаштија. При помошта за овие семејства, државата е далеку „поскржава“, во однос на згрижувачките. На сиромашните родители, кои немаат поголеми месечни приходи од просечната плата, им следува детски додаток во износ од 1.210 денари за дете кое е на предучилишна возраст и 1.008 денари за дете кое следи настава. Детскиот додаток за две деца кои не се во училишна возраст изнесува 1.915 денари, додека 1.613 денари родителите добиваат за две деца кои следат настава.

„Слободен печат“ се обрати до Министерството за труд и социјална политика и до центрите за социјална работа барајќи одговор зошто, наместо да им ги одземаат децата поради тоа што се сиромашни, не ја зголемат висината на детскиот додаток, наместо десетпати повеќе да им плаќаат за чување на децата на згрижувачките семејства.

– Во моментов во Скопје има 193 дечиња без родители и родителска грижа. Не можам да кажам колку се привремено одземени од родителите само поради сиромаштија. Околу 15 проценти се деца кои живееле со родители поради лоша финансиска состојба, но тоа се родители со ниски потенцијали, кои ги изложувале децата и на други ризици како питачење. Одземањето на децата од родителите е привремено. Доколку семејството финансиски се стабилизира, може да си го врати детето назад – вели Ана Панчева, раководителка на службата за социјални услуги од социјална заштита во Гази Баба.

Таа додава дека социјалните центри паралелно работат и со биолошкото семејство и со згрижувачкото семејство.

– Обезбедуваме лична документација за да може да се обезбеди детски додаток, ги поврзуваме семејствата со хуманитарни организации, работиме на нивна едукација – набројува Панчева.

Во моментов во Македонија функционираат 84 згрижувачки семејства, кои претходно поминуваат низ процес на обука и проценка за способноста да згрижуваат деца. Центрите за социјална работа уверуваат дека ваквиот начин на згрижување на децата дава добри резултати во однос на нивниот развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот