За власта извештајот на УНЕСКО е за жолт, за опозицијата – за црвен картон!

Премиерот Зоран Заев изјави дека е свесен за жолтиот картон на УНЕСКО, но и дека се работи за согледувања на Комисијата за УНЕСКО од јануари 2020 година.

Власта е задоволна од сработеното за Охрид, а опозицијата бара акција, а не мачкање очи, по објавувањето на Извештајот на УНЕСКО за Охридскиот Регион, во кој се детално наведени сериозни слабости, како и критики за начинот на кој власта се справувала со проблемите. УНЕСКО повтори дека Охридскиот Регион може да биде ставен на листата на загрозени светски вредности.

Премиерот Зоран Заев изјави дека е свесен за жолтиот картон на УНЕСКО, но и дека се работи за согледувања на Комисијата за УНЕСКО од јануари 2020 година. Охридскиот градоначалник Константин Георгиески, пак, најави интензивирање на уривањето на дивите плажи на охридското крајбрежје.

– Прифаќам дека УНЕСКО неколку години нѐ предупредува, но по присуството на експертите од УНЕСКО во извештајниот период е направено многу – рече Заев. Од СДСМ велат во јули ќе се презентираат сите преземени мерки за заштита на природното и културното наследство на заштитеното подрачје. Оттаму дополнуваат дека е инвестирано е во реконструкција на колекторот и негова доизградба до Радожда, а за дозвола за градба треба да минува на Комисијата.

Каде е сега механизацијата со која Шеќеринска најави дека државата се вклучува во уривањето на дивоградбите, што правиме со објектот кај чинарот, прашува Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Нема една година од изјавата на градоначалникот Георгиески „ако почнам да рушам, стравувам ќе ме убијат“, а сега одеднаш е „храбар“, па ќе уривал!? Што сакате поголем цинизам и апсурд кога Љупчо Николовски заедно со Рамиз Мерко ќе се бореле против корупцијата?! – вели  Стоилковски.

Пратеникот на Алијансата на Албанците, Сурија Рушиди, го прозва струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

– Мерко отворено излезе со став дека во Струга нема дивоградби, иако е доволно да појдете до хотел „Дрим“ и да видите дека со дозвола за реконструкција на базен е направен цел нов објект или да прошетате по струшкото крајбрежје, па да видите дека се бетонира брегот, дека се уништува трската и никаква одговорност за тоа нема. Оваа влада, со повлекувањето на законот и со префрлањето на обврските врз општините покажа дека немаат ниту капацитет, ни волја, бидејќи тие се предизвикувачите на оваа состојба. Тешко дека можеме да го излажеме УНЕСКО, бидејќи тие на терен можат да се уверат дека не се постапува по нивните препораки – вели Рушиди.

Од ДУИ не добивме став околу проблемот со заштитата на природното и културно наследство на Охрид. Министерот Бујар Османи, инаку портпарол на партијата, кога објаснивме за што го бараме, едноставно не одговори на пораката, а истото го стори и пратеникот Арбр Адеми. Оваа партија со години ги има клучните ресори и позиции во институциите за заштита на животната средина.

 

Фронт 21/42: Езерото и Блатото итно под привремена заштита!

 

Невладиното здружение „Фронт 21/42“ побара да се стави Езерото и Студенчишко Блато под привремена заштита, како што предвидува Планот за управување со Охридски Регион, но и да се стопира секаква урбанизација во рамки на наследството, вклучувајќи и било какви административни процеси за усвојување на нови урбанистички планови.

Екологистите од ова здружение бараат и да се оцени влијанието на дивоградбите од 2011 година до денес, со вклучување на јавноста во процесот; да се усвои новиот Закон за управување со Охридски Регион и Правилникот за заштитните зони, а препораките од 2017-та и 2020 година да се вградат во сите национални и локални документи.

Видео на денот