За утре во Македонска Каменица: Најава за повторен бојкот на онлајн наставата

Родителите на учениците кои учат во четврто и во петто одделение при деветолетката ,,Св.Кирил и Методиј” во Македонска Каменица за утре најавуваат продолжување на протестите против онлајн наставата и бараат настава со физичко присуство за своите ученици. Во информацијата од родителите, се вели дека на оваа иницијатива се приклучуваат и родители од останатите одделенија.

– Како родители на учениците од четврто и во петто одделение, информираме дека со бојкотот во текот на утрешниот ден продолжуваат сите ученици, додека има најави за вклучување во иницијативата и на одреден број на родители на ученици од петто до деветто одделение. За утре е најавена и посета на државни инспектори за образование во Каменица, така што треба да покажеме единство во одлуката за игнорирање на онлајн наставата, велат родители на учениците од четврто и од петто одделение.

Спротивно на ова, во дел од текстот на Министерството за образование и наука (МОН) и последниот допис до родителите, се вели дека одлуката за онлајн настава мора да се почитува.

– Образовниот процес мора да продолжи. Клучно за секое дете е да ја следи наставата без разлика дали е онлајн или со физичко присуство. Апелираме до сите да останат посветени и доследни на одговорноста која секој од нас ја носи во однос на здравјето на децата, но и на јавното здравје, се вели во дел од текстот на МОН во однос на досегашниот бојкот на наставата во Македонска Каменица.

Околу 50 родители заедно со своите деца во училишниот двор на деветолетката ,,Св.Кирил и Методиј” на почетокот на учебната година изразија протест против реализацијата на онлајн настава. Сметаат дека онлајн платформата е нефункционална, поради што побараа од надлежните настава со физичко присуство за учениците. Како најголем адут за своите барања тие посочија дека училиштето и просторно и технички во целост ги исполнува условите за одвивање настава со физичко присуство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот