За Трајко, со почит

Атанас Костовски, Фото: Архива

Пред една недела сакав да напишам во “Слободен печат“ неколку реченици за  човекот што, според возраста (95 год.), очекувано во ова корона-невреме не напушти, а со своите 95 години остави впечатлив придонес во подемот на нашата Македонија. Станува збор за проф. д-р Трајко Стаматовски, последниот жив македонист од првата генерација македонисти на великанот, професорот Блаже Конески. И тој како и многумина деновиве на планетата Земја, ја изгуби битката со ковид-19. Ќе остане засекогаш запишано – беше лингвист, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, почесен доктор по филолошки науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, раководител на Одделението за ономастика од нејзиното основање (1966), област што му беше и потесна специјалност, претседател на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ поврзана со животот и делото на Блаже Конески, автор  на повеќе книги и на преку 500 стручни и научни прилози…

Возраста не му беше пречка за да биде успешен претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната војна, впечатливи беа неговите традиционални сеќавања на денот на ослободувањето на Скопје, 13 ноември изговорени крај Споменикот на ослободителите. Беше и новинар, одработи речиси една деценија во Радио Скопје како лектор-уредник и началник на Програмското одделение. Многумина ќе го паметат и како голем вљубеник во фудбалот и симпатизар на ФК  „Вардар“, беше прогласен и за почесен претседател на клубот.

Да, тоа е најкусо животниот пат на Трајко Стаматовски. Јас го запознав кога беше директор на Институтот за македонски јазик во јануари 1969 година. Заедно со колегата Никола Солдатов побаравме јазична „помош“, а Трајко веднаш евоцираше спомени од Радиото и се присети на првиот фудбалски радиопренос што го реализирал Коле Чашуле, во тоа време и претседател на Фудбалскиот сојуз на Македонија. На крајот дојде ред да ја кажеме и причината за нашата посета.

– Трајко, му вели Солдат, сега во Скопје ќе пренесувавме и хокеј на мраз, на Кале ќе се одржи Светско првенство во Ц групата, ајде речи кој е најсоодветен македонски збор за онаа хокеарска топка што ја викаат паг. Трајко како да беше подготвен, веднаш изговори – плочка! И така беше, а оттогаш започна и едно вистинско пријателство, иако возраста не делеше речиси три олимписки циклуси.

Пред два месеца телефонски разговаравме во времетраење на едно фудбалско полувреме. Ми вели сон не го фаќа од проблемите на неговиот „Вардар“. Добра е акцијата на „Комитите“ за спас на клубот, добро е што ме послуша па во  „Слободен печат“ напиша „Се бара фудбалски Михајловски“, ама работите никако да тргнат на поарно. Го сакаше клубот, за неговата четириесетгодишнина (1987 година) ја подготви монографијата. Ги остави на дланка, на идните генерации, првите 40 години на клубот, таа монографија и денеска е вистинско богатство. Ми беше  задоволство да му бидам еден од соработниците, а истакнатите југословенски спортски новинари Владан Стојаковиќ, Звоне Морнар, Тодор Буља и Гани Ајети со нескриени симпатии зборуваа за нашиот „Вардар“.

Со симпатии зборуваше за фудбалскиот мислител Иљеш Шпиц, за југословенскиот Унгарец, кој во времето на бугарската „администрација“ скопската „Македонија“ им држеше фудбалски час и на бугарските клубови во Софија. За Кирил Симоновски-Џина можеше да разговара со денови, притоа секогаш ќе  ја споменеше заедничката акција со Симеон Балвански, генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија. Имено, кога „Вардар“ како второлигаш се бореше да се врати во Првата лига, тренерот Симоновски по одличниот почеток решил со истата кошула да го дочека крајот на полусезоната. Заеднички, во тајна мисија, ноќе, Трајко и Симо ја краделе кошулата, ја переле, сушеле и ја пеглале се до крајот на второлигашката сезона (1955 год.). „Вардар“ дури со 7 бодови предност го освои првото место пред „Раднички“ од Крагуевац и се врати меѓу прволигашите. Секогаш беше на страната на фудбалерите, имаше разбирање за нивните барања, еднакво ги ценеше и оние што го оставаа срцето на тревата, но и оние што знаеја да направат потег повеќе за „уметнички“ впечаток. Се радуваше на головите на Дарко Панчев, сеедно кој дрес го носеше, но најмили му беа оние во вардаровиот, за Горан Пандев зборуваше со полно срце, како за својот миленик Блаже Конески. Со нетрпение ги очекуваше телевизиските преноси од Европското првенство и натпреварите на Македонија со Романија, Украина и со Холандија.

За жал, веста за големиот успех на  македонските фудбалери ќе им ја пренесе на своите  вардарци, творци на успешните фудбалски генерации – Џоџа Николовски, Блажо Ристоманов, Ангел Симов, Стојан Чамински… Во Небрегово на 19 декември 2021 година, на големиот јубилеј, 100-годишнината од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески, едно столче ќе остане празно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот