23 C
Скопје

За Трајановски подземни улици се подобро решение од брз автобуски превоз

Од Град Скопје велат со одлуката да се дозволи изградба на зграда на местото на некогашна Народна банка на плоштадот Македонија, неповратно се уништиле плановите за изградба на подземна сообраќајница низ центарот на градот.

Подземни улици наместо брз автобуски превоз (БРТ) се подобро решение за сообраќајот во Скопје, смета поранешниот градоначалник Коце Трајановски. Тој наведува и неколку сериозни забелешки на најавениот превоз од актуелниот градоначалник Петре Шилегов, меѓу кои и безбедноста на граѓаните и уништувањето на средишното зеленило на неколку булевари.

Трајановски во својата објава на Фејсбук вели дека со воведувањето на БРТ, патниците при излегувањето од автобусот треба да го поминат булеварот, со што двојно ќе се загрози нивната безбедност. Покрај тоа, според поранешниот градоначалник, постои голема опасност доколку се уништи средишното зеленило на булеварот Партизански одреди.

– Дали знаете дека главната водоводна цевка со дијаметар од Ф 1600 мм од која со вода се снабдуваат општините Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Драчево, Зелениково и Студеничани е градена во 1967-1968 со заварени челични цевки и се наоѓа на 2 метри длабочина во средишната зона на булеварот Партизански одреди, така што и најмали осцилации може да имаат фатални последици. Средишната зелена површина преставува заштитна зона на водоводната цевка – нагласува Трајановски.

Според ексградоначалникот, реализацијата на БРТ нема да ја исполни својата главна цел, односно двојно скратување на патувањето на граѓаните од една до друга локација во главниот град. Тоа, како што вели тој, се должи на намалување на бројот на автобуски станици, поради што помалку граѓани ќе го користат тој тип автобуски превоз, како и тоа што нема да сообраќаат други автобуси по таа траса, поради што патниците ќе мора да се возат во најмалку уште еден автобус.

Алтернативно решение за забрзување на сообраќајот според Трајановски е изградба на подземна сообраќајница од Владата до Комплекс банки, која ќе го скрати патувањето за половина час од Аеродром до Карпош т.е. исток – запад и обратно, која би можела да се направи со истите финансиски средства, но и изградбата на подземната сообраќајница зад „Рамстор“ со иновативни кружи текови на две нивоа со која би се решил проблемот со сообраќајот од насока Карпош – Кисела Вода и обратно

– Изградбата на подземни сообраќајници и забрзување на сообраќајот значително го намалува загадувањето и времето на патување, додека кај БРТ се форсира само автобускиот превоз, а се забавува или останува непроменет автомобилскиот и велосипедскиот сообраќај. Со изградба на подземните сообраќајници автомобилскиот сообраќај во централното градско подрачје би се намалил за 50 отсто, а со тоа се зголемува просторот за пешачки зони и велосипедски сообраќај – напиша Трајановски на Фејсбук.

Од Град Скопје за „Слободен печат“ одговорија на реакцијата на Трајановски, кој според нив, имал осум години да го реализира проектот за трамвајот.

– Би сакале да ја потсетиме јавноста дека Коце Трајановски, како градоначалник на Град Скопје, имаше осум години да го реализира проектот за трамвај, но тоа не го стори. Наместо тоа, со серија погрешни политики, тој го забави развојот на Скопје на ова поле, како што беше одлуката да дозволат изградба на зграда на местото на некогашна Народна банка на плоштадот Македонија, со што неповратно се уништија плановите за изградба на подземна сообраќајница низ центарот на градот – велат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека наместо да го изгради трамвајот, Трајановски осум години парите ги трошел за фасади, споменици и фонтани.

– Дополнително, во сферата на јавниот транспорт, во негово време беа набавени и несоодветните двокатни автобуси, кои се прескапи, како од аспект на набавка така и од аспект на одржување, а притоа не дадоа никаков еколошки бенефит за Скопје – истакнуваат од Градот.

Шилегов при најавување на БРТ, наведе дека проектот за воведување брз, ефикасен, економичен и еколошки транспорт во Скопје ќе чини околу 70 милиони евра за двете линии. Едната линија би била од Ѓорче Петров, преку Центар до Ново Лисиче, со должина од 12,81 километри и 21 автобуска станица, а втората линија би била од железничката станица на булевар БиХ до булевар Борис Трајковски, во должина од 10,4 километри со 20 автобуски станици.

Поврзани вести

Европска агенда на премиерот Заев – Работни посети на Брисел, Мадрид и Атина

Слободен печат

Мицкоски: Бараме датум и преговори со ЕУ веднаш

Во Израел има помалку од 1.000 активни случаи на заразени со Ковид-19

МИА Агенција

Денеска се регистрирани 135 нови случаи на Ковид-19

Слободен печат

ВИДЕО| Менкиноски: Фамозната белешка на АНБ не е доказ во постапката против Јордан Камчев

ВИДЕО| Најмалку 40 мртви меѓу кои и деца во напад на училиште во Авганистан

Горан Наумовски

Остави Коментар