За трагедијата во Тетово: Сведочат лекари, сестри, роднини на жртвите и државни службеници

Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Повеќе лица поврзани со пожарот во тетовската модуларна болница, меѓу кои лекари и медицински персонал, членови на семејства на жртвите, вработени во Министерството за труд и социјална политика, како и надлежни за набавката, монтирањето и одржувањето на модуларната болница, биле повикани во јавните обвинителства во Тетово и во Скопје за да дадат искази и сведочења за сите околности поврзани со трагедијата, информира Службата за односи со јавноста при Републичкото јавно обвинителство, во одговор до „Слободен печат“.

„Интензивно се прибираат вербални и материјални докази. Сослушани се повеќе лица кои можат да дадат податоци за настанот, меѓу кои и медицинскиот персонал, претставници од проектната единица при Министерството за труд и социјална политика, лица вработени во надлежните институции кои ја спровеле постапката за јавна набавка и поставување на модуларната болница, членови на семејствата на починатите. Повикани се и други лица, чии искази ќе помогнат во откривањето на причините за пожарот, a чиј конкретен број во моментов не може да се прецизира, од причина што зависи од потребата за целосно расчистување на причините за пожарот – се вели во одговорот од ЈО.

Обвинителството издало и голем број насоки и наредби за вештачења и прибирање документација, меѓу кои и Наредба за градежно вештачење до Технолошкиот факултет во Скопје.

„Издадена и е Наредба за натамошно обезбедување на местото на пожарот, за да се овозможи повторно вршење увид доколку има потреба во натамошниот тек на постапката. Во обвинителството во тек е и прибирањето на извештаите и документацијата која беше побарана, по што ќе следува разгледување и анализа и ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“, се вели во одговорот.

Во меѓувреме порталот Дојче веле објави документи според кои Министерството за труд и социјална политика, заедно со претставници на Светска банка, биле надлежни за спроведување, а локалните власти и директорите на болниците требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници. Документите насловени „План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларните болници, објавени во октомври 2020 година, во подробности ги опфаќаат фазите на изградба на модуларните болници, нивното одржување и контрола за секоја од нив поединечно.

Во делот на имплементацијата, за тетовската модуларна болница надлежни биле две лица од Министерството за труд во делот на заштитниот надзор. Директорот на тетовската болница Флорин Бесими фигурира како изведувач, во локалниот надзор, како и во делот на локалниот инспекциски надзор. Бесими, кој повеќе од 11 години беше в.д. директор на Тетовската болница, во меѓувреме понуди оставка на функцијата, исто како и економскиот директор на клиниката Артан Етеми – кој не се споменува во документацијата.

Трагедијата во Тетово се случи на 8 септември годинава. тогаш загинаа осум жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од загинатите, 12 беа хоспитализирани како пациенти во ковид-болницата, а две лица, поточно сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот