
За среќа на скопјани снегот сам се топи од тротоарите, надлежните пак ги заборавија пешаците
Речиси сите тротоари низ градот останаа неисчистени што беше особено забележливо во утринските часови, кога пешаците со исклучително внимание се движеа по влажниот, а одоздола подмрзнат снег, обидувајќи се да стигнат до автобуските станици или пеш до работните места без да паднат и да се повредат.
Вистинска среќа е што во Скопје по интензивните врнежи на снег викендов, дневната температура е над нулата, па снегот самиот се топи од тротоарите и од велосипедските патеки, инаку голем проблем при движењето и понатаму ќе имаат сите на кои автомобилот не им е единствениот избор.
Препорачано
Речиси сите тротоари низ градот останаа неисчистени што беше особено забележливо во утринските часови, кога пешаците со исклучително внимание се движеа по влажниот, а одоздола подмрзнат снег, обидувајќи се да стигнат до автобуските станици или пеш до работните места. Притоа општинските служби се пофалија дека активно работат и ги исчистиле улиците за да овозможат непречен и безбеден сообраќај. И навистина исчистени се сите главни улици и булевари, дел и од сервисните, но ретко која од таканаречените „станбени“ улички.

Пешачките патеки и тротоарите вообичаено остануваат последни, освен оние пред градинките и пред јавните институции, како и на градскиот плоштад и во строгиот градски центар. Тротоарите во населбите се уште се непроодни, а во текот на денот не беа исчистени ниту пешачките и велосипедските патеки покрај булеварот Партизански одреди. Градските служби изгледа заборавиле дека Скопје не е само центарот на градот.
Покрај Партизанска не може човек да се движи беа страв дека ќе падне и ќе повреди. Ништо не е исчистено, подмрзнато е, само некаде каде што поминуваат цевките од парното снегот е растопен. Пешаците очигледно се граѓани од втора категорија во градот, само за возачите се води грижа. Е, сега, замислете, ако на булеварот не е исчистено, што може да се очекува по уличките низ населбата. Едвај се поминува – вели Зоран, жител на Карпош 1.

Од ЈП „Комунална хигиена“ информираа дека работеле со сите расположливи капацитети во три смени на рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и на поголемите улици во сите скопски општини.
Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија. Екипите на претпријатието го расчистуваа и реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и сите пешачки мостови – велат од претпријатието.
Од Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ нема никаква информација како се ангажирала Зимската служба да го олесни функционирањето на градот при снежните врнежи, иако на крајот на декември кога проврна снег што никој не го забележа, информираа дека почнале активностите на дежурните екипи од Зимската служба на Град Скопје и дека за една ноќ се фрлиле 45 тони индустриска сол на критичните точки на подрачјето на градот. Колку сол се потрошило сега, нема информација.
Скопските општини, пак, информираа дека во текот на денот и ноќта ги чистеле сите улици, особено оние во повисоките зони и оние што важат за критични точки. Сепак, од сите страни на Скопје граѓани реагираа и преку социјалните мрежи ги повикуваа општинските служби да интервенираат во нивната уличка или во улиците во нивната населба.

Од Гази Баба посочија дека вработените во ЈКП „Гази Баба“ интензивно работат на чистење на пешачките патеки и автобуските постојки на нивна територија и дека особено внимание се посветува на пристапот кон детските градинки, амбулантите и аптеките.
Упатувам јавен апел до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловни објекти да се почитува законската обврска за чистење на снегот од пристапот до нивните објекти. Само сплотено и со заеднички сили ќе обезбедиме безбедно движење за сите – апелираше градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
И екипите за зимско одржување заедно со општинскиот кризен штаб на Бутел беа активни на терен и, како што тврдат оттаму, навреме ги исчистиле сите критични места во општината Бутел како и главните улици, сите споредни улици во сите населени места, како и пристапните патеки до градинките, банките, аптеките, автобуските постојки и тротоарите.
Апел до граѓаните за да си го зачистат снегот пред врата, упати и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Апелирам до жителите, како и до сопствениците на малите бизниси и ресторани, да ја одржуваат чистотата пред своите објекти. Особено е важно приодите да бидат ослободени од снег и мраз за да се овозможи безбедно движење за сите. Нашите тимови постојано ја следат состојбата и вложуваат максимални напори за одржување на улиците проодни. Заедно можеме да создадеме побезбедни улици за сите – истакна Герасимовски.

Во Законот за јавна чистота точно е прецизирано кој е задолжен за чистење на снегот од јавните површини, а за непочитување на оваа законска одредба, предвидени се и казни.
(1) Во зимски услови при снежни врнежи, општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи.
(2) Во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите – се вели во членот 22 од Законот.
Во членот 37, пак, посочено е дека глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице сопственик односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред јавниот објект, додека глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност е предвидена за прекршок од ставот 1 на овој член за одговорното лице во правното лице.
