За Срби слободно

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Најубавото е тука што благодарноста оди директно на сметка на српските граѓани, кои го полнат нивниот државен буџет, од кој бесплатно беа вакцинирани илјадници граѓани, не само од Македонија, туку и од неколку земји од регионот.

Ќе биде многу убав гест ако македонската влада овозможи летово српските граѓани што патуваат, најчесто транзитно, по македонските автопати (сите два-три), да може да поминуваат патарина бесплатно. Тоа е еден симболичен начин да се изрази благодарноста за широчината што ја покажа оваа земја кон соседите во овие тешки моменти на епидемијата, кога сите земји буквално се тепаат за вакцини, а многу од нив, меѓу кои и нашата, не успеваат да добијат вакцини ниту, што се вели, на лажиче. Најубавото е тука што благодарноста оди директно на сметка на српските граѓани, кои го полнат нивниот државен буџет, од кој бесплатно беа вакцинирани илјадници граѓани, не само од Македонија, туку и од неколку земји од регионот. И тоа сите без исклучок третирани достоинствено, со внимание, професионално.

Овој гест на Србија е до толку поважен затоа што задира во суштината на она пред што нè исправи оваа светска здравствена криза – да го тестира капацитетот за солидарност, осoбено меѓу државите. Србија демонстрираше што значи солидарност и што значи добрососедство, нешто што требаше да го демонстрира далеку помоќната и побогата Европска Унија, која (треба да) е симбол на солидарноста.

Сосема ми е јасна изјавата, па и чувството на срам  што го спомна претседателот Стево Пендаровски, (јас би додал и жал) кога ги гледавме тие колони „вакцинални мигранти“ како итаат кон Белград. Само што тој пропушти конкретно да лоцира чиј треба да биде тој срам. Тоа не се ни владите на земјички како Македонија, Албанија, Босна, Црна Гора, Косово, кои не можат да набават вакцини во трка со „рогатите“, а уште помалку граѓаните на овие земји, кои логично, а би рекол и одговорно, се обидуваат да го решат проблемот што не може да го решат нивните влади. Вистинската адреса за тој срам се СЗО, ЕУ и нивниот КОВАКС-механизам. Во светот буквално се случува стампедо по вакцини во кое побогатите и поголемите ги прегазија помалите и посиромашните, а многу од вториве настрадаа потпирајќи се токму на ЕУ, СЗО и КОВАКС. Има земји, да не ги именувам, кои се фалат колку многу од населението извакцинирале, што е срамно кога во други земји ниту лекарите што работат со заразени пациенти не се вакцинирани! Тоа беше идејата на КОВАКС, да одржи баланс помеѓу моќните и немоќните, но, за жал, потфрли, или доцни, што е исто.

„Големата фармација“ не ја спомнувам, зашто очигледно тие корпорации ја изгубиле способноста за срам и социјална одговорност – за нив ковид е „гумно“, жетва на милијарди, ако не и билиони долари. Па самиот Пендаровски ја обелодени репликата од разговорите со еден од фармацевтските гиганти – дека „не разговараат за продажба на вакцини со земји со помалку од два милиона жители“!? Има ли нешто посрамно од тоа?

Затоа, убаво е што Србија ем најде вакцини, (без да паѓа на „геополитичките“ антируски и антикинески гачки, кои за среќа брзо паднаа во вода) ем демонстрираше ширина да ги сподели со соседите (зашто нема поважен роднина и пријател од соседот). И затоа е убаво ние со еден ваков симболичен гест, многу помалку значаен, да ја искажеме својата благодарност.

 

П.С. Само да не „утупиме“ со тие картички, бандероли и тракатанци, па да им преседне нашата благодарност. Толку ли е тешко – гледаш регистрација, гледаш пасош – кревај рампа! За Срби годинава – слободно!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот