За Славески мерката за замрзнување на цените е задоцнета, Николов смета дека мерката не е трајно решение

Трајко Славески Марјанчо Николов
Фото: Скриншот, Фејсбук

Во вечерашното гостување во дебатната емисија „24 анализа“ на телевизија 24, Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека мерката за замрзнувањето на цените на производите и ценовните зголемувања е задоцнета.

– Сведоци бевме на рапиден раст на цените, коишто и претходно растеа на сите цени на овие производи коишто се сега замрзнати. Производите коишто сега се замрзнати непосредно беа значително зголемени и се согласувам со мислењата дека оваа мерка е задоцнета. Доколку се сакаше да се спроведе замрзнувањето на производи потребно беше да се реагира побрзо а не да се навестува, вели Славески.

Марјанчо Николов од СДСМ, кој исто така гостуваше во емисијата, смета дека мерката со замрзнувањето на цените е времена одлука и дека не е трајно решение за проблемот со покачувањето на цените.

– Владата интервенираше поради одредени сознанија дека цените на овие артикли ќе расте. Доаѓаат и празници, а кај нас трговците тој период го користеа за покачување на цените, па Владата навремено интервенираше од аспект на идно покачување. Тоа е за два месеци, и во тој период Владата треба да ги анализира состојбите и да увиди какви се тендециите. Ако има потреба по тие два месеци, Владата може дополнително да интерненира со стоковите резерви, вели Николов.

Видео на денот