За што се бориме: Македонија брка историја, ривалите соочени и со воени и политички предизвици

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Фудбалерите пред историскиот натпревар за пласман на Европското првенство се соочуваат со проблеми со коронавирусот и со повреди додека во Грузија започнуваат политички демонстрации, а последниот ривал во ноемврискиот репрезентативен циклус, Ерменија војува со Азербејџан. Македонија за прв пат во историјата ќе игра против селекција која во моментот на одигрување на натпреварот е во војна. Колку и дали овие случувања надвор од фудбалскиот терен се предност за избраниците на селекторот Игор Ангеловски?

Фудбалската репрезентација на Македонија во четврток (18 часот) ќе го игра најважниот натпревар во својата историја, во Тбилиси и гостува на Грузија, а влогот е пласман на Европското првенство кое ќе се одржи идната година.

ЕП требаше да одржи годинава но пандемијата на коронавирусот не го поштеди ниту спортот и континенталниот собир го одложи за една година.
Македонија со одличните настапи во минатогодинешното издание од Лигата на нации доби втора шанса за да обезбеди премиерно учество на Европско првенство и се наоѓа на последното скалило.

Во четврток на „Динамо Арената“ во Тбилиси ќе се обиде да го реализира сонот кој го сонуваат сите Македонци, кој досега не им успеа да генерациите предводени од Панчев, Најдовски, Христов, Шакири, Милошевски…

Селекторот Игор Ангеловски се соочува со само два проблеми, коронавирусот и повредите на репрезентативците (Адеми).
Денеска позитивен тест на ковид-19 имаше голманот Даниел Божиновски, додека Кире Ристевски мора да добие негативен тест за да може да се стави на располагање. Најдоцна до утре ќе се знае дали стандарниот член на репрезентацијата, Аријан Адеми ќе може да игра откако се повреди на загревањето за одигрување на натпреварот за својот тим Динамо Загреб.

Позитивна вест за репрезентацијата е дека и капитенот Горан Пандев денеска заедно со останатите двајца играчи од Серија А, Елиф Елмас и Илија Несторовски ќе пристигне во Скопје иако до вчера владееше неизвесност поради одлуката на локалните медицински власти во Италија да не дозволат играчите да ги напуштат екипите.

За разлика од Ангеловски, противникот ќе се подготвува во далеку пожешка состојба, додека прашање е дали на последниот ривал на Македонија во ноемврискиот циклус, фудбалот воопшто му е во мислите. Имено, во главниот град на Грузија, Тбилиси каде ќе се игра натпреварот во четврток, од вчера започнаа големи демострации поради резултатите од изборите и кои резултираа со интервенција на полицијата.

Протести во Тбилиси/EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE


Како за Македонија така и за Грузија, натпреварот во четврток ќе биде најважен во историјата бидејќи и тие имаат шанса за дебитантски настап на Европското првенство доколку победат. Такво нешто најавуваат и самите грузиски фудбалери кои ќе се обидат да ја израдуват поделената нација со победа и пласман на ЕП.

Шест дена подоцна, Македонија ќе игра против репрезентација на која сигурно не и до фудбал. Ерменија војува со Азербејџан за провинцијата Нагорно-Карабах, и секојдневно се бројат жртви на двете страни. Поради тоа фудбалот е во втор план во Ерменија, а дел од спортистите ги прекинаа своите кариери за да заминат во војната и за жал неколкумина од нив ги загубија своите животи.

Нагорно КарабахEPA-EFE/Areg Balayan / ArmGov

Капитенот на фудбалската репрезентација на Ерменија, Вараздат Харојан, ја прекина фудбалската кариера и наместо да потпише договор за кипарскиот АЕЛ Ларнака и да им стане соиграч на Тричковски и Мојсов, тој е мобилизиран во војската на Ерменија.
Војната во Нагорно-Карабах го зеде животот на младиот 18-годишен чувар на мрежата на Пјуник, Гагик Абрахамјан.

Поради војната, УЕФА одлучи натпреварот од овогодинешното издание на Лигата на нации помеѓу Ерменија и Македонија да се игра во Никозија, Кипар, но сигурно е дека на противничките играчи во мислите најмалку ќе им биде фудбалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот