За шест месеци 167 граѓани побарале да им се изнесе кабастиот отпад од домовите

Контејнери за кабаст отпад, Фото: МИА

Височината на зградите, немањето доволно слободно време, но и побрзиот начин на расчистување на домот, како и подигнувањето на еколошката свест, се само дел од причините поради кои скопјани сѐ почесто се решаваат наместо самите да го отстранат стариот и дотраен мебел што повеќе не им треба, да повикаат екипи на ЈП „Комунална хигиена“, кои за одреден надоместок ќе се погрижат ваквиот тип отпад комплетно да биде дислоциран од домот, а подоцна и соодветно третиран. На овој начин формирањето диви депонии на некоја од јавните површини во Скопје, но и оставањето стар мебел околу контејнерите се намалува, а со тоа се подобрува и хигиената во градот.

Сепак, на голем број локации, покрај садовите за складирање смет или, пак, во коритата на реките во периферните делови на градот, сѐ уште можат да се забележат расфрлани кревети, фотелји, столови и маси, кои несовесните сопственици при расчистување на домот, ги расфрлале на несоодветни локации, притоа не водејќи грижа за околината.

Но, од „Комунална хигиена“ велат дека расте заинтересираноста на скопјани за правилно одложување на кабастиот отпад, како и за услугата нивни екипи да го соберат кабастиот отпад од домовите или од пред зградите во кои живеат луѓето.

Кај нашите корисници постои голем интерес за услугата за преземање на  кабастиот отпад директно од нивните домови. Во периодот јануари-април 2021 година на дежурниот телефон на ЈП „Комунална хигиена“ се регистрирани вкупно 167 јавувања од граѓаните што ја нарачале оваа услуга. Оваа услуга се наплатува според однапред утврден Ценовник, кој го донесол Советот на Градот Скопје – објаснуваат од ЈП „Комунална хигиена“.

Според ценовникот по кој работи јавното претпријатие, доколку граѓаните сакаат двајца работници на претпријатието рачно да им го отстранат кабастиот отпад од пред вратата на домот или од пред влезот на зградата, за таа услуга треба да платат 2.000 денари по тура. Доколку сакаат двајца вработени рачно да го изнесат непотребниот кабаст отпад од нивните домови, за таа услуга потребно е да издвојат 2.800 денари по тура. Ако граѓаните имаат кабаст отпад, а немаат потреба од помош од вработените во ЈП „Комунална хигиена“, треба да издвојат 1.600 денари. На тој начин непотребниот отпад соодветно ќе биде товарен, а потоа и соодветно дислоциран и третиран.

Но, доколку граѓаните не сакаат да платат за отстранување кабаст отпад од нивните домови, тие своите стари и дотраени работи можат секојдневно да ги однесат во еден од двата центри за селекција на ЈП „Комунална хигиена“ кои се лоцирани во Карпош и на Вардариште.

Претпријатието им овозможува на граѓаните сосема бесплатно да го одложат својот кабаст отпад во Центрите за селекција лоцирани во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, од 7 до 19 часот – информираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Со цел правилно складирање, но и транспортирање на кабастиот отпад, во текот на годината скопските општини во соработка со „Комунална хигиена“ спроведуваат акции за бесплатно собирање ваков вид отпад.

Во акцијата за собирање кабаст отпад што ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во мај годинава ја спроведе во сите скопски општини беа собрани рекордни 650 кубни метри кабаст отпад. ЈП „Комунална хигиена“ секако планира и во претстојниот период да организира ваква акција, но овие активности се реализираат во координација со општините што ги одредуваат локациите за одлагање кабаст отпад за време на акциите – информираат од ова јавно претпријатие.

Правилното одложување на овој габаритен отпад е исклучително важно бидејќи многу често тој се спалува од несовесни граѓани, притоа загадувајќи го воздухот во Скопје. Како пример за тоа е спалувањето кревети и друг вид кабаст отпад на Вардариште, поради собирање на металите од кои е направен мебелот, а потоа и нивно препродавање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот